Маџунот како традиционален производ од грозје во Тиквешијата станува се поатрактивен. Странски туристи изразуваат желба да се запознаат со производството на „темното злато“, како што го нарекуваат, верувајќи во неговите лековити својства.

Австриецот Роланд Димаи и неговата сопруга, Русинката Влада, во соработка со новоотвореното Туристичко информативно биро од Кавадарци, денеска го посетија семејството Галапчеви, каде тајната за подготовка на маџун се пренесува со генерации.

Им беше објаснето дека маџунот симболично започнува да се крчка уште на лозјето, затоа што за добар производ, неопходно е најпрвин здраво и квалитетно грозје. Се запознаа со мелницата за гроздови зрна и пресата, казанот во кој врие маџунот, а можеа и да дегустираат од специјалитетите по кои е познато семејството.

Задоволство ни е што стекнавме нови пријатели и што го почувствувавме вкусот на традицијата во Тиквешијата. Слушнавме за енергетските вредности на маџунот, како и за неговите лековити карактеристики, особено за неговата способност за опоравување после заболување од жолтица – изјавија гостите за МИА.