На годинешниот настан посветен на младото вино, претседателот на УО на „Тиквеш“, Светозар Јаневски,  објави  дека „Тиквеш“ ја финализираше процедурата за аквизиција на француската винарница Chateau de Gourdon во областа Cote Du Rhone. Ваквиот исклучително значаен чекор е дел од развојната стратегија на најголемата македонска винарница за зацврстување на нејзината меѓународната позиција како производител на врвни вина.

Инаку, голем број љубители на виното од земјава и регионот, претставници на дипломатскиот кор, на институциите, на бизнис секторот и медиумите, јавни личности, како и соработници и пријатели на Винарската визба „Тиквеш“ имаа можност за првпат да го пробааат младото вино од годинешната берба која за „Тиквеш“ беше рекордна и изнесуваше над 28 милиони килограми грозје.

Традиционално, и на годинешниот, деветти по ред, Фестивал на младо вино, „Тиквеш“ ги претстави своите млади вина кои според првичните оценки на енолозите и присутните вински ентузијасти, се извонредни и имаат одличен потенцијал да освојат многу нови медали, признанија и високи оценки на реномирани светски вински натпревари и со тоа да го потврдат и надминат успехот од минатите години.

Покрај веќе докажаните вински ѕвезди, на годинешниот Фестивал, за првпат беше претставен и новитет во палетата врвни вина на „Тиквеш“. Тоа е црвеното вино од првата берба на грозје од сортата сира (Shiraz), кое пред четири години беше насадено на лозјата на локалитетот Лепово.

Следејќи ја определбата за општествено одговорно делување, „Тиквеш“ и оваа година им овозможи на сите посетители на Фестивалот да донираат средства кои ќе бидат искористени за поддршка на иницијативата на Здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“ и нивниот проект за основање на првото бесплатно училиште за музика и уметности наменето за деца од семејства изложени на социјален ризик. Конкретно, проектот наречен „Гитара, дирки и свирки“ ќе нуди бесплатни часови за децата кои потекнуваат од вакви семејства, за да можат да го искористат и доразвијат својот креативен потенцијал, талент и афинитети. За возврат, на сите посетители кои ќе донираат за ова хумана цел, „Тиквеш“ ќе им даде подарок – шише младо вино.

Фестивалот на младо вино на „Тиквеш“ е прв и единствен од ваков вид во нашата земја и има значајна улога во градењето на винската култура и создавањето сопствена традиција на евалуација на виното од последната берба, како што е случајот во многу други земји производители на вино.