Европската банка за обнова и развој ќе влезе во финансирање на изградбата на автопатите Скопје-Блаце и Кичево-Гостивар, односно првата делница Кичево-Букојчани. Ова го најави министерот за финансии Драган Тевдовски на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој, кои се одржуваат во Сараево.

На Годишните состаноци на ЕБОР имавме прилика да зборуваме за тековната, но и идната соработка со Банката. Договоривме поддршка за идниот период – изградба на важни патишта во нашата земја. Тоа се автопатот Скопје-Блаце и на Кичево-Гостивар, односно првата фаза Кичево-Букојчани, како и изградба на електронски патарини долж Коридорот VIII и на патот Миладиновце-Штип, рече Тевдовски.

Тој посочи дека се бараат и се обезбедени и грант средства за изградба на овие патишта. За Кичево-Букојчани преку Инструментот за Западен Балкан обезбедени се 20 милиони евра, додека за Скопје-Блаце се очекуваат грант средства од ЕБОР во износ од 27 милиони евра до крај на годината.

Тоа се неповратни средства. Овие се добри проекти бидејќи ќе се гради инфраструктурата која ќе го придвижи и економскиот раст, но и ќе ги подобри условите за живот на граѓаните во нашата земја, вели Тевдовски.

Инаку ЕБОР во јавниот сектор во земјава финансира најмногу проекти од патната и железничката инфраструктура. Портфолиото на банката во овој сектор изнесува 622 милиони евра.

Тевдовски и премиерот Заев учествуваа на Годишните средби на ЕБОР во Сараево. Средбите се одлична можност за претставување на инвестициските можности на земјата, за разгледување на тековните, но и договорање на идни проекти со Банката.