Тетово-Гостивар ќе стане автопат со по три коловозни ленти во еден правец, најави директорот на Јавното претпријатие за државни патишат Зоран Китанов од Тетовско каде беше во посета за да изврши увиди како оди реконструкцијата на делницата од Тетово до Попова Шапка. Причината за проширувањето на патот од Тетово до Гостивар, како што рече, е големата фреквенција на возила.
Делницата А2 Тетово-Гостивар веќе е претесна. Дадена е проектната задача на Градежен факултет од каде имаат две алтернативни решенија. Двете се многу убави и на ниво на стандарден автопат, но ќе ја кажам само едната. Според тоа решение, лентите ќе бидат широки 3,75 метри со 3,5 метри и 2,5 метри. Градежен факултет има една опција со која може да тендерираме за главен проект да се обезбедат средства, па да се размисли втората варијанта која е многу интересна, рече Китанов.
Тој најави целосна реконструкција на патарините долж коридор 8 и воведување електронско плаќање. Во тетовскиот регион освен Тетово-Попова Шапка, додаде, ќе се реконструираат и други патни правци.
Во тек е проектирање и во септември ќе започне рехабилитација на патот Карпалак-Желино во должина од 16 километри, потоа следи тендерска документација за патот Желино-Јегуновце. Со средства на Јавно претријатие за државни патишта се работи на делница Непроштено-Пршовце предвидени се осум милиони денари, Вратница-Јажинце премин со два милиона денари и во двата случаи подразбира гребење и нов асфалт. За делницата Тетово-Порој чекаме прво атмосферска канализација и водовод, па ние да работиме со асфалтирање на тој пат. Грпките нема да останат после реконструкција, рече Китанов.
Досега е завршена делница Пирок-Боговиње-Врапчиште со инвестирање на 15 милиони денари.
Вкупно низ Северна Македонија се работи на 400 километри регионални и магистрални патишта кои се реконструираат, но пари има и за други локални патиша, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Владата станува стратешки партнер на општините. Подготвуваме како Влада проект од 70 милиони евра од Светска банка поврзан со локалните патишта што ќе даде уште поголем бенефит за општините. Тие средства од наредна година ќе може да се користат не само за регионални и магистрални, туку и за локални патишта, рече Сугарески.
Дополнително ќе се работи и на новите експресни патишта, како и на интензивирање на градбата на автопатот Кичево-Охрид.
Comments are closed for this post.