Растот во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и во Србија – шесте земји од Западен Балкан – се очекува да се врати во 2021 година по најлошиот економски пад во регионот што се случи во 2020 година. По економската катастрофа што ја донесе пандемијата на КОВИД-19 што резултираше со проценет просечен негативен раст на економиите во регионот од 3,4 проценти, во 2021 година, регионот на Западен Балкан се очекува да забележи раст од 4,4 проценти. Растот се очекува да биде поумерен во 2022 и 2023 година со 3,7 проценти како резултат на долгорочните штети од пандемијата кои и понатаму предизвикуваат намалени инвестиции и вработување во регионот.
Ова е наведено во најновиот извештај на Светска банка.
„Секако, гледаме некои позитивни трендови во регионот, поттикнати од брзите акции што ги преземаа многу земји за сузбивање на најлошите влијанија од пандемијата, но здравственото и економското опустошување предизвикано од пандемијата и понатаму ќе има влијание,“ вели Линда Ван Гелдер, регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан.
„Почетокот на вакцинацијата, заедно со подобрувањето на довербата, потрошувачката и трговијата ќе помогне позитивниот тренд да продолжи, но земјите мора да останат будни во своите напори за воведување и зајакнување на политиките што можат да водат кон раст, да ги заштитат здравствените резултати и да го поттикнат човечкиот капитал“, вели директорката.
Comments are closed for this post.