Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува наредната недела да почне собраниската процедура за измени на Законот за градежно земјиште со кои ќе се овозможи државата да ги преземе ингеренциите од општините Охрид, Струга и Дебрца врз крајбрежјето на Охридското Езеро, односно стопанисувањето со плажите.
Тоа го најавив на трибината тука во Охрид заедно со премиерот Зоран Заев. Очекувам наредната седмица во Парламентот да влезе законот, што значи дека надлежностите на крајбрежјето и плажите ќе бидат под државата, а не на локално ниво, рече Сугарески појаснувајќи дека тоа се прави од причина што локалните власти не можат да се справат со проблемите.
Во однос на тоа како трансферот на ингеренциите ќе се одрази врз престојната туристичка сезона, од аспект на издавањето на плажите под концесија, Сугарески изрази уверување дека има временски простор се да се заврши во најдобар ред.
Очекувам законот да биде донесен најбрзо, но дел од работите не зависат само од Владата туку и од Собранието, рече тој, истакнувајќи дека ниту една дивоградба нема да биде толерирана, независно под чија ингеренција било земјиштето издадено на стопанисување.
Вршителот на должноста градоначалник на Охрид Константин Георгиески посочи дека практиката од минатото покажала оти општините имат потешкотии во менаџирањето на плажите на Охридското Езеро, како што рече, поради определени недоследности во системот, пропусти направени во минатото, до недозволени активности на концесионерите.
Моментално процедурите за издавање на плажите под концесија се заглавени во судски лавиринти. Ние како локални самоуправи имаме и ограничени ресурси во однос менаџирањето. Сметам дека и одредени локални влијанија што се на сила во моментов ќе бидат исклучени доколку ингеренциите врз плажите бидат под централната власт, рече тој.
За оспоруваната изградба на минарето при реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид, Сугарески појасни дека во моментот Управата за заштита на културното наследство постапува по случајот, односно се спроведуваат активности за увид во состојбите што ќе покажат како ќе реагира понатаму.
Comments are closed for this post.