Странските компании имаат потешкотии да ги идентификуваат потенцијалните локални добавувачи, кои пак за поголема соработка треба да инвестираат во стандардизација и сертификација, да даваат прецизни рокови на испорака и да ги почитуваат, да ги исполнуваат условите од договорите.
На денешната средба за вмрежување помеѓу мултинационалните и домашните компании беше побарано Владата на домашните бизниси да им покрие одреден процент од трошокот за воведување стандарди и сертификати, како и на обуките на персоналот кој ќе ги спроведува стандардите во рамки на компаниите.
Благица Петрески од Институтот за економски истражувања и политики „Финанс тинк“ смета дека услугите како дејност што сега доминираат во соработката на меѓународните со домашните компании треба да бидат опфатени со владините мерки за финансиска поддршка, што треба да биде насочена и кон стимулирање производство на суровини и инпути.
Странските компании најголем дел од соработката што ја имаат е во дејноста услуги и тие како такви влегуваат во цената на чинење на финалниот производ. Од друга страна, исто така услугите моментално најлесно може да се набават на домашниот пазар што не е случај со делот на инпут и репроматеријали, уште помалку за машини. Оттука нашите препораки се овие услуги да бидат дел и да се квалификуваат за добивање надомест, рече Петрески.
Според препораките за вмрежување на компаниите што ги изготвија Центарот за креирање политики и Финанс тинк, со финансиска поддршка на Делегацијата на Европската унија во Скопје, пакетот мерки за суровини и инпути би вклучувал даночни олеснувања, државно земјиште и грантови со отплата без каматна стапка за нови инвестиции и зголемено производство на суровини и инпути.
Може да се формира посебен тип центри за стимулирање стандардизација на домашните компании, особено оние кои се од големо значење за мултинационалните компании доколку сакаме да ги доближиме и да има поголема соработка, укажа Петрески.
Мултинационалните фирми во државава, пак, треба да ги предефинираат политиките за набавки, а особено компаниите што работат во технолошко индустриските развојни зони. Се бара да инвестираат во програми за менторство и да ги мотивираат домашните производители да вложуваат во ново производство со гарантирано натамошно снабдување на странските компании или долгорочни договори.
Според Патрик Мартанс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, компаниите се подготвени да соработуваат со локалните добавувачи, но, како што посочи, прашањето е како може да ги најдат.
Искрено имам сомнеж. Најсоодветно за тоа би била фразата скокање како жапче каде мора да најдете нова дејност или некоја друга за да овозможиме добавување до локалниот пазар. На постојните дејности на меѓународните инвеститори им оди добро но се независни од локалниот пазар. Сигурен сум дека локалните компании што го имаат капацитетот да бидат добавувачи на меѓународните инвеститори ќе бидат фокусот на секој инвеститор и ќе бидат отворени за соработка, рече Мартенс.
Една од причините за тешкотиите во соработката е недоволниот степен на технолошки развој на домашните фирми. Поради тоа, како што беше порачано на средбата, треба да се искористи финансискиот инструмент за поддршка наменет за набавка на нова опрема и технологии. Причина е и непостојаноста во квалитетот на понудените производи и услуги, малиот производствен капацитет, неквалификуваната работна сила, отсуството на вештини за презентација на производите.
Средбата за вмрежување се одржа во рамки на проектот „Надминување на јазовите помеѓу домашните мали и средни пртетпријатија и мултинационални компании“. Целта е јакнење на капацитетите и ефикасноста на работењето на домашните компании, намалување на технолошкиот јаз и надградба на партнерствата помеѓу фирмите.
Comments are closed for this post.