Зголемување на минималната плата ќе се случи оваа година, а прогнозите  се дека мерката ќе се дефинира оваа пролет, најави премиерот Зоран Заев.

Во одговор на новинарско прашање Заев истакна дека во тек се консултации. Целта  е рамномерна распредела на доходовноста помеѓу капиталот и работниците и  преку зголемување на минималната плата да се направи зголемување на просечната плата во земјава. После сите консултации на надлежните министерства со здруженијата и кластерите,  деталите ќе  бидат соопштени на јавноста, изјави Заев.

По првичните најави на Заев за зголемување на минималната плата, со реакции  се јавија и бизнисмените. Од  Делегацијата на германското стопанство во Македонија сметаат  дека новиот закон за зголемување на минималната плата ќе влијае негативно врз атрактивноста на Македонија како локација за инвестирање и дека компаниите ќе се соочат со дополнителни давачки што не се навремено предвиедени во нивните буџети.

Анкетата спроведена од Делегацијата на германското стопанство во Македонија покажала дека 15 проценити од анкетираните компании зголемувањето во висина од 10 проценти е прифатливо, а 85 отсто сметале дека Владата треба да ги информира 12 месеци порано за законското зголемување на минималната плата. Шеесет и пет проценти од анкетираните одговориле дека зголемување не е земено предвид во буџетот за 2019 година, имајќи предвид дека не биле навреме информирани.

Добиените резултати од оваа анкета се од големо значење за понатамошните одлуки за даночна и финансиска политика што се води сега, но и во иднина во Македонија. На почетокот на оваа година се изгласа законот за зголемување на данокот на доход од 10 отсто на 18 отсто за примателите на плата повисока од 900 евра нето, доколку се донесе и законот за зголемување на минималната плата, повторно компаниите  ќе се соочат со дополнителни давачи што не се навремено предвидени во нивните буџети, наведуваат од Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

Владата пред една и пол година утврди минимална плата од 12.000 денари што предизвика негативни реакции кај бизнис-заедницата.