Обновливите извори на енергија минимално се искористени. Ова е еден од заклучоците на меѓународниот парламентарен пленум кој денеска во Скопје дебатираше на тема енергетика.
Надлежните признаваат дека земјава е лимитирана во производството на струја. Вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев излезот во иднина го гледа само во производството на струја од обновливи извори. Вели дека распишан е тендер за изградба на 30 мали хидроелектрани, 20 се во фаза на градба, а во функција се 72 мали хидроелектрани. Вкупната инсталирана моќност на сите би достигнала 100 мегавати.
Македонија е енергетски лимитирана земја и производството на електрична енергија во иднина може да се подобри само од обновливи извори на енергија (ОИЕ). Недозволиво е Македонија како земја со голема сончева радијација во моментов да располага само со 20 мегавати инсталирана моќност од фотоволтаични централи., изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања
Не само во Македонија, туку и глобално на оваа проблематика мора посериозно да се работи бидејќи нема доволно електрична енергија за сите потреби на човештвото, изјави Јанез Копач, претседател на Европската енергетска заедница. Според него, добро е што земјава донела закон за енергетика, но тука работите не се подобрија, потребна е итна примена и спроведување на законот во пракса.
„Имаме можност да создаваме енергија од сонце, ветер, вода, но мора да ја користиме ефикасно. Друг глобален тренд во енергетиката е електрификацијата на светот. За 30-40 години 80 до 90 отсто од целата потрошувачка на енергија ќе биде од електрична енергија“, рече Јанез Копач, претседател на секретаријатот на енергетската заедница.
На состанокот беше истакнато и дека со новиот Закон за енергетика што беше донесен во мај годинава целосно ќе се отстрани пречката што го имаше земјава во делот на енергетската легислатива поради ненавременото носење на законот од поранешната власт. Како резултат на новиот Закон за енергетика има отворен фронт за инвестиции на повеќе дејности кои треба да се спроведат во енергетскиот сектор.
Comments are closed for this post.