Во просториите на МАСИТ, управата и оперативниот тим на комората одржаа средба со Н.Е. Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз.

Во текот на вчерашниот ден, на средбата, беа презентирани информации кои се од приоритетно значење за македонската економија и индустрискиот раст, како и за регионалната соработка во рамки на која МАСИТ е многу активна.

Дополнително, од страна на МАСИТ, беа презентирани предлог даночните реформи во полза на зголемување на високо квалификуваната сила вработена во ИКТ секторот.

Рапидниот раст на извозот на ИКТ услуги, измерен во последните три години, посебно во последните два квартали е уште поконкретна основа за планирање и стимулирање на воведување на позначителни владини мерки во иднина, преку адаптирање на постоечките политики.

Со оглед на фактот дека прогресивниот раст на ИКТ индустријата е целосно органски, залагањата на МАСИТ се силно насочени кон даночни реформи, преку кои ќе се мултиплицира ефектот на растот во правец на негово зголемување и дополнително влијание врз економската состојба во земјата, како и подобрување на националниот БДП. Овие две мисии на МАСИТ за 2020 година, со поткрепена анализа и истражување на состојбите, на средбата ги истакна Претседателката на УО на МАСИТ, Анета Антова Пешева. Пешева изрази и потреба од приоритетно фокусирање на алармантните миграции на ИТ експертите од земјава, проблем кој може да предизвика и домино ефект во останатите економски сектори.