Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека на системот е-Даноци е поставен образецот ДД-ОМА/1 за ослободување од плаќање на месечни аконтации за данок на добивка.
Со цел да се овозможи даночните обврзници да поднесат барања за ослободување од плаќање на месечни аконтации и за ноември годинава, рокот за поднесување на образецот ДД-ОМА/1 се продолжува до 14 месецов.
-Согласно измените во Законот за данок на добивка објавен во Службен Весник на РМ, бр. 290 од 07.12.2020 година обврзниците на данокот на добивка кои имаат претрпено штети во своето работење поради ширење на коронавирусот Ковид-19, имаат право на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците ноември и декември годинава, како и за јануари и февруари 2021 година, соопшти УЈП.
За остварување на ова право даночните обврзници поднесуваат барање за ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на добивка образец ДД-ОМА/1 до Управата за јавни приходи, најдоцна до петти наредниот месец за месецот за којшто обврзникот бара ослободување од плаќање на аконтации на данокот на добивка за временскиот период за кој побаруваат ослободување.
Поднесувањето на барањето образец ДД-ОМА/1 се врши преку системот е-Даноци на Управата за јавни приходи, а Управата за јавни приходи ја потврдува комплетноста во рок од десет дена од денот на доставување на барањето.
-Даночниот обврзник кој го искористил правото на ослободување од плаќање на аконтации за данок на добивка, а не ги исполнил условите за тоа согласно Законот за данок на добивка, има обврска да ги плати месечните аконтации на данокот на добивка што не ги платил, и камата согласно со Законот за даночна постапка, информира УЈП.
За да се искорости ова право, потребно е даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени за времетраење на користењето на ослободувањето од плаќање на аконтациите во однос на бројот на вработени заклучно со 30 ноември годинава, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените. Вкупните приходи од редовното работење на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 30 отсто во периодот април – септември годинава во однос на приходите од редовно работење во периодот април – септември 2019 година или – даночниот обврзник да затворил најмалку 50 отсто од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).
Comments are closed for this post.