Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во британскиот Форин офис, во рамки на неколкудневната работна посета на Обединетото Кралство, оствари средба со неговиот домаќин – државниот секретар за надворешни работи, развој и Комонвелт на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Дејвид Лами.
-Во рамки на оваа средба од историско значење, која отвора ново поглавје во билатералните односи меѓу двете земји, беше потпишана Декларацијата за стратешко партнерство помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство. Овој документ има за цел да ги зајакне и унапреди стратешките односи меѓу двете земји, особено соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, со посебен акцент на сојузништвото во рамките на НАТО, правдата и внатрешните работи, борбата против тешкиот и организираниот криминал, справувањето со корупцијата и незаконските финансиски текови, како и економскиот раст, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Двајцата министри, како што се наведува во соопштението, констатирале дека заедничката определба за стратешко партнерство и денешното потпишување на Декларацијата отвораат ново поглавје во билатералните односи.
На средбата станало збор и за неодамнешниот договор „влада со влада“, кој ќе ја зголеми трговијата, ќе го поттикне економскиот раст и ќе овозможи реализација на низа инфраструктурни проекти. Во таа насока било истакнато дека овој договор ќе овозможи реализација на важни инфраструктурни проекти во различни сектори, вклучувајќи транспорт, здравство, енергетика и технологија. Притоа, се согласиле дека двете страни во наредниот период ќе продолжат заеднички да работат на унапредување на соработката во областите од заемен интерес.
Соговорниците размениле мислења и за соработката во рамките на НАТО Алијансата, придонесот за регионалниот и глобалниот мир и стабилност, како и за соработката во рамките на мултилатералните организации.
Во рамки на работната посета на Лондон, министерот Муцунски денеска се сретнал со членовите на парламентарната група за соработка со Република Северна Македонија, а попладнево ќе има свое обраќање на бизнис форум, каде фокусот ќе биде ставен на потенцијалите и можностите за инвестирање во државата
Comments are closed for this post.