Со секое доаѓање на СДСМ на власт тие единствено со нивната неспособност и политика ја воведуваат сиромаштијата и бедата помеѓу граѓаните. СДСМ дојде на власт со ветувања за повисоки плати и пензии, а резултатот е само нови задолжувања и зголемување на даноците и зголемување на акцизите. За жал, платите и пензиите малку повеќе ќе почекаат, oбвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Според него, после 11 години рамен данок и праведност помеѓу граѓаните, рамниот данок оди во историјата.

За жал, со воведување на дополнителни 8% данок во делот на доходот кој поминува 90.000 денари, СДСМ само уште повеќе ќе ја доуништи и така уништената економија во нашата држава. Со ова покажаа елементарно непознавање и невладеење на бизнис и монетарниот сектор. Со ова покажаа дека воопшто не им се важни граѓаните и економијата.

Мораме да потенцираме, дека ВМРО-ДПМНЕ е децидно против оваа реформа која ќе значи финален удар за економијата и ќе ја стави во стечај Република Македонија.

СДСМ, Тевдовски, Заев и кој уште да е креатор на оваа мерка, со ова ќе стимулира само даночна евазија, ќе удри по платите на вработените во приватниот сектор и ќе ги принуди компаниите да ги зголемат цените како резултат на зголемените трошоци кои ќе се надоврзат на спиралата. Едноставно ќе ни се случи домино ефект во економијата каде што ќе се зголеми стапката на инфлација, ќе се зголеми сивата економија и нема да се отвораат нови работни места во приватниот сектор.