Скијачкиот центар Попова Шапка и годинава е еден од најпосетените места во Македонија за оние што сакаат да го дочекаат доаѓањето на новата година на традиционален начин, во вистинска зимска, снежна атмосфера. За такво нешто говорат и бројките на туристи, односно практично целосно распродадените хотелски капацитети во пресрет на новогодишните празници.

Како што велат од Елем турс, коишто стопанисуваат со опремата на патеките и двата хотела Попова Шапка и Славија, сите нивни 240 легла се целосно пополнети. Освен тоа, голем интерес има и за постпразничниот период, односно имаат веќе направени резервации на организирани групи за до крајот на јануари, а има и голем интерс од странски туристи од Србија, Албанија и Косово за во февруари.

Дополнителен податок за големиот интерес за престој на Попова Шапка е и тоа што за новогодишните и божиќните празници се резервирани и најголем дел од повеќе од 7.000 викендички во викенд наслебата на Попова Шапка.

Таквото големо присуство на гости во најстариот зимски центар во Македонија е причина повеќе за официјален почеток на скијачката сезона, иако се неопходни барем уште десетина центиметри снег за целосно искористување на скијачкиот капацитет на сите патеки и ски-лифтови.

Идфичичната зимска атмосфера во ски-центарот, единствено до некаде ја расипува малиот број паркинг места што предизвикува, особено во викендите и празниците, гостите да мора да ги оставаат автомобилите на патот и на неколку километри надвор од комплексот.