Глобалната недела за претприемништво годинава за првпат ќе се одржува на национално ниво, со цел да се поттикне претприемачкиот потенцијал кај младите во државата.
За таа цел, наместо само во Скопје, од утре до недела, ќе бидат организирани настани и во Тетово, Битола, Штип и Дебар. Настаните се во организација на асоцијацијата Стартап Македонија, а ќе бидат реализирани 14 настани во соработка со вкупно 24 партнери.
Еден од главните гости, како што најавуваат организаторите, ќе биде Џон Калиан, директор на Телеком Иновациски Лаборатории од Берлин, кој во среда ќе говори на настан организиран од Бизнис Акцелераторот УКИМ и Иннофеит.
На тема „И стартап е опција“, утре на Правниот факултет во Штип ќе говори Кжиштоф Малицки, советник на ректорот при Универзитетот во Гдањск, Полска, а в четврток на настанот што го организира Стартап Македонија за промоција на првата верзија на дигиталната платформа за поврзување на екосистемот, ќе присуствуваат говорници од екосистемите од Албанија, Косово, Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина.
Неделата за претприемништвото предвидува и три настани од натпреварувачки карактер и тоа стартап натпреварот „IdeaMakers Challenge“ во организација на Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје, како и питчинг натпреварите „Бетахаус Скопје 2019“ во организација на Бизнис акцелераторот УКИМ и питчингот на стартапи пред Клубот на бизнис ангели на ЦЕЕД Македонија.
– Се повеќе и повеќе млади основаат компании и имаат амбиција да основаат свој бизнис којшто ќе остави нивни печат, вели Игор Маџов, програмски директор на Стартап Македонија.
Тој додава дека постојат многу ресурси во државава, но оти тие не се видливи и младите за нив не знаат. Поради тоа, Стартап Македонија ја има изработено првата верзија на дигитална платформа на која ќе бидат достапни сите ресурси за стартапи и компании во раст.За младите останува интересен ИКТ секторот, но во последно време интерес има и за машинската индустрија, енергетиката и медицинскиот сектор.
Глобалната недела на претприемништвото се одржува во 170 држави низ светот. Целта е преку настаните организирани во текот на неделата да се стимулира развојот и подобрувањето на условите за водење бизнис на глобално ниво.
Comments are closed for this post.