Не ни требаат субвенции, туку соодветна откупна цена за јагнето, велат одгледувачите на овци кои денеска во Министерството за земјоделство трет пат ќе се обидат да најдат решение за критичната, како што велат, состојбата во која се наоѓаат.
Како што изјави за МИА претседателот на здружението „Шарпланинец“ и претседател на регионалното здружение на овчари за Западна Македонија, Меџити Амити, цената на јагнето моментно е 120 денари килограм жива мера, а според производните трошоци треба да биде минимум 165 – 170 денари.
Сите не лажат. Крајно време е веќе да се преземат сериозни мерки за поддршка на овчарството. Ако не добиеме соодветна цена ќе одиме во загуба, ќе ги продадеме овците и ќе преминеме на тутун или на некоја друга култура. Прв јас ќе ги продадам моите 4.000 овци. Субвенции не сакам, нека ни дадат соодветна цена, вели Амити.
Поради, според него, несоодветните политики на државата која не го препознава овчарството како гранка од национален интерес, бројот на овци од 500.000, се намали на едвај 300.000.
И се чудам на државава. Сите овци се продадоа, немаме работна сила, немаме средства и никој не прави ништо. Не можеме да се издржуваме, ситуацијата е многу критична. Три години е вака и никој не обрнува внимание, а 15 милиони евра девизен прилив се остварува од јагнето во земјава. За разлика од нас, Србија од 100.000 овци некогаш, сега има четири милиони, но дава 65 евра субвенција, а не 15 евра како кај нас, потенцира Меџити.
Според него, грчките трговци за јагнето даваат по 6,7 евра. Конкретно, толкава е цената во Лариса, а нашите велат дека не можат толку да го продатат. Притоа, најмногу соработуваат со Хрватска и Италија.
Првиот состотанок со надлежните немаше резултат, вториот исто. Денеска трет пат ќе се обидеме да најдеме решение, истакна Амити, додавајќи дека Министерството не ги информирало за вчерашната средба со откупувачите.
На средбата, како што соопшти МЗШВ, откупувачите посочиле дека не очекуваат проблеми со пласманот и дека јагнето ќе биде откупено во целост.
Во моментов земјава располага со 150.000 – 200.000 јагниња за продажба.
Comments are closed for this post.