Фирма со еден сопственик основана во 2013 година со непаричен влог од 5 илјади евра немала поднесено годишна сметка од 2017 година и не била деловно активна. Меѓутоа, тоа не пречело да се задолжи во Еуростандард банка во 2018 година, во време кога фирмата немала никаква активност, соопштуваат денеска од здружението Оштетени штедачи.
Според извештајот за банката на стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма има добиено кредит, сега во редот на сомнителни и спорни побарувања, во вредност од околу 380 илјади евра, со обезбедена хипотека од земјоделско земјиште во село Врапчиште, Гостиварско. Направената процена на земјоделското земјиште изнесувала околу 240 илјади евра. Од кога е даден кредитот, фирмата не исплатила ниту една рата. За да конечно, фирмата се затвори односно се избрише од регистарот на фирми на 27 февруари 2020 година. Основата за бришење на фирмата е повеќегодишна неактивност и неподнесување на годишни завршни сметки, а во согласност со законските одредби од Законот за трговски друштва.
Овој случај е уште еден чист криминал во редот на 149 фирми приматели на ненаплатливи или тешко наплатливи кредити преку кои се украдени околу 55 милиони евра од депозитите во Еуростандард банка. Кражбата е евидентна. Само врз основа на фактичката состојба за криминалниот случај опишан погоре, се поставуваат многу прашања. Како е можно раководството на Еуростандард банка да одобри кредит на фирма која е деловно неактивна? Врз основа на кои и какви документи е направена кредитната анализа на фирмата? Врз основа на кои интерни политики и процедури за кредитен ризик како и критериуми за одобрување на кредити, раководството на банката одобрило да биде даден кредит на оваа фирма? Како тоа раководството на банката одобрило значително поголем износ на кредитот во однос на проценетата вредност на земјоделското земјиште? Зошто не е отворен стечај за оваа фирма на основа на долгот кон Еуростандард банка, туку истата директно се затворила, а со тоа пропаднало и целото побарување, сега кон нас оштетените доверители?
За да јавноста биде запозната, на дебатната емисија на ТВ24 во ноември минатата година, Трифун Костовски јавно обзнани дека кредити се давале со нереално зголемени проценети вредности на хипотеки, конкретно наведувајќи токму пример за даден голем кредит врз основа нереално проценето обезбедување со земјоделско земјиште во село Врапчиште, Гостиварско. Оттука, се поставува и прашањето, дали и колку се реално проценети и хипотетките кои се дадени за делените кредити во Еуростандард банка.
Вакви и слични случаи во банката има многу. Секој случај на неповратен кредит е посебна криминална сторија. Кражба на депозити со умисла и план. Како е можно да е правен криминал од вакви огромни размери со години, а да гувернерката Анита Ангеловска Бежоска не го видела тоа“, соопшти Оштетени штедачи.
Comments are closed for this post.