Секој во својата област на работење треба да има одговорност за она што го работи. Одговорноста има повеќе слоја, од лична и колективна, професионална и граѓанска, до општествена во оние дејности кои преферираат дека се значајни за системот во целина. Или, колку повеќе вршите дејност која може да има влијание на севкупните текови во државата, толку повеќе се зголемува вашето влијание и значење (читај моќ).
Но, во исто време, правопропорционално расте и вашата одговорност, која ги преминува рамките на лична и колективна и задира во функционирање на системската поставеност на одредени државни сектори, што ќе рече дека вашата работа не е само да покажувате колкава моќ и влијание имате поради дејноста што ја вршите, туку морате да покажете дека имате и општествена одговорност. Затоа што, секое неодговорно однесување во било која сензитивна дејност може да предизвика силна лавина што ќе го загрози системот и ќе предизвика потреси во државата од кои може да се случи колапс со несогледиви последици. Во изминативе неколку денови токму таков пример беше банкарскиот систем и однесувањето на домашните банки.
Впечаток на Здружението „Правда за штедачи” е дека во целата ситуација што се создаде со Одлуката на Уставниот суд од 25 мај, банките се однесуваат крајно неодговорно. Тоа е бидејќи на првиот сигнал што ним не им се допадна (Одлуката на Уставниот суд), тие, уште истиот ден, реагираа и најавија можност за зголемување на каматните стапки. За разлика од нив, Здружението „Правда за штедачи”, во кое некои од неговите членови загубија се што можеше да се загуби, во ниту еден момент, на пример, не упатија апел до сите граѓани да се повлекуваат штедните влогови од банките.
Борбата за правда на Здружението беше врз основа на повикување за примена на Уставот и законите, место со уцени и закани, како што направија банките. И од таквите позиции може да се согледа какво е чувството и високата свест за одговорност кај оштетените членови на Здружението „Правда за штедачи# и колку е низок моралот и бесчувствителноста на банките. Потсетуваме, едните (штедачите) загубиле сѐ што можело да се загуби, додека кај другите (банките) постои само можност дека ќе се намалат профитите?!
Затоа, паралелите во чувството за одговорност се неспоредливи. Дотолку повеќе што нашите банки, во споредба со оние во Европската унија, остваруваат до три пати поголеми профити според каматните разлики што во моментот се во сила во банкарскиот систем. Споредбените податоци за „профитерството” на нашите банки, наспроти тие во Европската унија, се јавно познати, достапни за сите, вклучително и за регулаторот Народна банка, како и за сите релевантни и помалку релевантни фактори во банкарството и пошироко. Згора на тоа, за банките совршено е јасно дека Одлуката на Уставниот суд за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки нема никаква моќ да влијае на работата на банките. Вклучително и на нивните профити.
Од тука, нивното соопштение за зголемување на каматните стапки претставува само демонстрација на чувство на супериорност и моќ, но, во исто време, отсуство на општествена одговорност. Токму поради тоа, сметаме дека сите фактори во банкарскиот систем, особено банките, но и Народната банка, како и Фондот за осигурување на депозити, мораат да разберат дека имаат огромна општествена одговорност и не смеат во јавноста да излегуваат со неодговорни настапи, особено не преку уцени и закани. Дотолку повеќе што за тоа нема ниту една реална причина. Затоа, банките мора многу поодговорно да работат, Народната банка многу поодговорно да ја следи нивната работа и со навремени мерки да ги сведува на минимум можностите за ризични настани, додека Фондот за осигурување на депозити да ја одржува ликвидноста на средствата согласно член 5 до член 8а од Законот за Фондот, не чекајќи на стечајните постапки. Само така и само тогаш може да се зборува за стабилен и сигурен систем. Се друго, наместо одговорно работење, предизвикува состојба на неодговорност и очекување дека на крајот сметката ќе ја платат депонентите на банките, или поточно граѓаните, што е потполно погрешен приод. Затоа што таквото работење, на крајот, ќе предизвика реакција на граѓаните, но тогаш, се плашиме дека ќе биде веќе доцна.
Би сакале во ова обраќање да наведеме дека состојбите опишани погоре во овој текст се толку јасни што банките немаат потреба нивните позиции да ги бранат експерти кои тие ги сметаат за авторитети во јавноста. Бидејќи тие „експерти” со тоа си го уриваат својот углед и пред јавноста покажуваат дека нивната професионална одговорност всушност има друга адреса, различна од нивното знаење. Особено што се работи за професори на факултети со докторски титули, кои успехот во своето професионално работење треба да го гледаат преку едукацијата на кадри од областа на економијата на факултетите каде што предаваат. Според состојбата на економијата во државата, изгледа дека во тој дел немале многу успех.
Така, еден од експертите, Трајко Славески, својата „економска писменост“ веројатно ја црпи од неговата сопруга која е на висока менаџерска позиција во Стопанска банка АД Скопје, додека на Никола Поповски веројатно не му е познато дека Уставниот суд ја оценува согласноста на законот со Уставот. Тоа е работа на Уставниот суд, но не и да прави калкулации околу банките, поскапување на штедењето или намалувањето на профитите на банките. Никола Поповски не објасни како со одлуката на Уставниот суд ќе се случува постојано подјадување на Фондот за осигурување на депозити. Но, ако мисли на пропаѓање на други банки, тогаш не е проблемот до Уставниот суд, ниту до Фондот за осигурување на депозити, бидејќи банките не се безначајни правни субјекти кои секој ден можат да прогласат стечај, туку се финансиски институции под строга контрола и ревизија на регулаторот Народна банка во чиј совет припаѓа и тој. Зарем неговата порака, како член на советот на регулаторот, со оваа изјава дека шпекулациите за пропаѓање на други неколку банки кои кружеа во јавноста изминатиов период се точни? Затоа, повторуваме, внимателно со јавните настапи, оставете ги личните мотиви, покажете барем минимум ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ, велат од Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“.
Comments are closed for this post.