Најверојатно во првите денови на ноември, кабелските оператори во земјава повторно ќе бидат принудени да ги исклучат телевизиските канали, што ќе значи информативен мрак за гледачите. Или, нив да им остане за гледање само МТВ, односно јавниот сервис.
Причина за тоа е фактот што и новата Влада не го реши проблемот со спорниот Закон за медиуми, кој на кабелските оператори им налага обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат, и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Ова закоско решение, односно спорните членови од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кои за операторите се неуставни и дискриминаторски, се донесени на стартот на годинава.
Откако операторите го кренаа гласот и укажаа дека нема да можат да работат под овие, како што ги нарекуваат, апсурдни правила на игра, па дури и на еден час ги исклучија од емитување сите телевизии освен јавниот сервис, во знак на револт и предупредување, Владата во јуни годинава донесе Уредба со законска сила, со која времено се одложи проблемот со реемитувањето на телевизиските канали. Уредба беше донесена од причина што во тој период важеше вонредна состојба во земјава.
Таа Уредба има важност до ноември годинава, а требаше да овозможи своевиден грејс период за во меѓувреме да се договорат власта, операторите и националните телевизии, кои всушност најмногу инсистираа да се донесат вакви законски одредби.
Но, како што дознаваме, спорните законски одредби во меѓувреме не се изменија, така што веќе од ноември операторите би морале да гарантираат за авторските права на странските канали што ги реемитуваат. Тоа, како што потенцираат, за нив е невозможно, па затоа повторно ќе мора да го исклучат реемитувањето и на странските, но и на домашните канали.
Фактор дознава дека операторите до претседателот на Собранието Талат Џафери, но и до новиот министер за информатично општество Јетон Шаќири, како и до повеќе странски амбасади во земјава, испратиле допис со кој бараат да се донесат измени на Законот по скратена постапка.
Со овој допис го известуваат какви проблеми им создаваат законските измени кои Собранието ги донесе на 16 февруари годинава, со кои во сила ги стави ставовите 3 и 4 од членот 143. Со нив се одредува дека „со поднесување на пријавата во АВМУ одговорното лице на операторот и одговорното лице на радиодифузерот доставува и изјава под целосна морална, материјална и кривична одговорност со која потврдува дека за реемитување на програмските сервиси ги има уредено ТВ правата за странскиот радиодифузер кој планира да го реемитува на целиот свој програмски сервис за територијата на земјава“.Во случај на реемитување на било кој дел од програмскиот сервис на радиодифузер од друга држава, за кој програмски сервис тој радиодифузер нема регулирани права за територијата на земјава, целата морална, материјална и кривична одговорност паѓа на операторот кој го реемитува тој програмски сервис и на радиодифузерот, а постапката за утврдување на одговорноста за сторената повреда или прекршување, како и начинот на регистрација на законски застапник на радиодифузер од друга држава ја пропишува Советот на Агенцијата.
Со овие одредби, како што велат операторите, се наметнаа контроверзни и неспроведливи обврски за нив.
Се воведоа лични изјави кои се даваат под материјална и кривична одговорност од страна на одговорните лица на операторите и на странските радиодифузери кои предизвикуваат правна несигурност за нив, со вештачко создавање на голема административна бариера која не постои во ниту една држава во рамките на Европската Унија што оневозможува реемитување на програмски содржини на странски радиодифузери. Ваквата обврска ќе доведе до брзи и драстични негативни деловни последици врз операторите поради намалување на разноликоста и квалитетот на медиумските содржини, а што ќе биде проследено со големо незадоволство кај претплатниците и губење на атрактивноста на понудата на овие услуги на пазарот за комуникациски услуги“, напишале операторите.
Додаваат и дека воведувањето на овие изјави е направено селективно, односно обврската за давање на вакви изјави е наложена само за странските радиодифузери, што истите ги става во понеповолна положба на пазарот во однос на домашните радиодифузери. Со тоа, се создава дискриминација во пристапот до крајните корисници во земјава на странските во однос на домашните радиодифузери.
Се воведе кривична одговорност на операторите за дејствија извршени од страна на трети лица т.е. странски радиодифузери кои не се под никаква оперативна или сопственичка контрола на операторите, што претставува правен преседан кој е спротивен на основните принципи на правна сигурност и владеење на правото и досега е невиден механизам кој не постои во друга област како во земјава, така и во ЕУ“, велат операторите и додаваат дека ваквите одредби од страна на претставниците на ЕЈ биле оценети како целосно непотребни и несоодветни. Според нив, ваков случај на регулација не постои во ниедна земја членка на ЕУ.
Од овие причини операторите на јавни електронски комуникациски услуги – А1 Македонија ДООЕЛ Скопје, Македонски Телеком АД Скопје, Неотел ДОО Скопје, ТРД Роби ДООЕЛ Штип, Стопанска интересна заедница на оператори на кабелска мрежа СИЗ МК-НЕТ, Тотал ТВ ДОО Скопје и ТРД Кабел Нет ДОО Струмица поднесоа Иницијатива до Уставниот суд во февруари годинава за оценување на уставноста на овие одредби од Законот, а за што Уставниот суд сеуште нема донесено одлука.
За да укажеме на неспроведливоста на посочените законски измени, посочуваме дека во време на вонредната состојба заради Ковид 19 кризата беа донесени четири Уредби со законска сила со кои Владата се обиде да изнајде решение на проблемот кој настана со измените на Законот, со цел да овозможи континуитет во реемитувањето на медиумските содржини до македонските граѓани. Сепак, со воведувањето на обврска за ретроактивно регистрирање на сите веќе регистрирани странски радиодифузери во конкретен временски рок се предизвика дополнителна забуна на пазарот за реемитување на телевизиски содржини што доведе до тоа и денес да нема никакво решение на настанатата ситуација“, наведуваат операторите.
Тие од спикерот Џафери бараат негова поддршка, со цел Собранието да предложи и усвои измени на Законот, со кои тој би се усогласил со Европската регулатива и практика од оваа област, и да ги избрише спорните ставови 3 и 4 од членот 143.
Предупредуваат дека доколку останат во сила овие одредби, операторите, за да не се изложуваат на ризици кои не може да ги контролираат, ќе бидат принудени да прекинат со реемитување на сите канали (домашни и странски) од нивната комерцијална понуда.
Во спротивно, операторите ќе бидат под константна закана на кривична, морална и материјална одговорност, за можни дејствијата од страна на трето лице кои се надвор од контрола на операторот, односно во овој случај можни дејствија или непреземање на потребни дејствија од страна на радиодифузери кои би емитувале програмски содржини без регулирани авторски права, врз што операторите немаат никаква можност да влијаат“, навеле операторите.
Доколку не се прифати нивното барање за итно решавање на овие проблеми, предупредуваат дека ќе настанат ненадоместливи последици на пазарот за обезбедување на телевизиски услуги.
Сите оператори кои реемитуваат странски програмски сервиси ќе бидат приморани да престанат да ги реемитуваат истите, веднаш. За илустрација, странските програмски сервиси сочинуваат повеќе од 90 отсто од вкупната понуда на телевизиски канали на кабелските оператори кон своите корисници. Од друга страна повеќе од 90 отсто од граѓаните користат телевизиски услуги преку кабелски оператори. Со укинувањето на странските програмски сервиси ќе настанат штетни последици за граѓаните/корисниците, индустријата за електронски комуникации, слободата на медиумите и слободниот пристап до информации но и за државата, велат операторите.
Потенцираат дека губењето на разновидноста и квалитетот на програмските содржини кои се нудат од операторите за реемитување на комерцијална основа ќе доведе до моментално и драстично губење на интересот кај крајните корисници за користење на овие услуги, и со тоа нивно масовно откажување на телевизиските услуги.
Економската неодржливост на платформите за обезбедување на услуги на кабелска ќе значи нивно целосно исклучување, што ќе предизвика ненадоместлива штета од голем обем на кабелските оператори, но и недостапност на сите медиумски содржини преку каблеските платформи на операторите како на странски, така и домашни радиодифузери. Според операторите, сето ова ќе предизвика голем вакуум во информирањето на граѓаните, а со тоа и голем пораст на сивата економија, со појава на нерегистрирани субјекти кои ќе обезбедуваат телевизиски содржини преку интернет на незаконски начин, без било какво регулирање на авторските права, што не е во интерес ниту на државата ниту на граѓаните.
Заради погоре наведеното, бараме од Собранието веднаш да започне и усвои измени на ЗААВМУ по скратена постапка, со кои ќе се усогласи со Европската регулатива и практика од оваа област и ќе ги избрише спорните ставови 3 и 4 од членот 143“, го информираат операторите спикерот Џафери.
Го замолуваат и за средба на која иште еднаш би ги презентирале и објасниле нивните аргументи, како и потребата од нивно итно прифаќање и имплементирање. Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија, кое ги обединува во барањата кабелските оператори останува на располагање и ја изразува подготвеноста за натамошна комуникација и соработка за имплементација на наведеното барање во практика, напишале оттаму.
Останува да видиме дали новата власт во земјава ќе смогне сили да го реши проблемот, или, пак, граѓаните кои плаќаат за своите омилени телевизии, ќе останат без телевизиска понуда, што е дотолку позагрижувачки во време на ковид криза, во време на која информациите голем дел од граѓаните ги црпат токму преку телевизиските вести и другите програми.
Comments are closed for this post.