Досега немаме поделено отказни решенија на вработените во „Мода“, тврди првиот човек на фабриката Ангел Димитровво изјава за „Пресинг“.

Според него само на луѓето кои имале договори на определено време не им се продолжени договорите.

Станува збор за околу 35 луѓе од едната фирма и дваесетина од другата. Нивните договори не се продолжени, додека на луѓето кои имаат договори на неопределено време, договорите не им се прекинати, од причина што се работи за подолга процедура. Тие луѓе имаат работнички права, треба да се разговара со синдикалната организација, да се види какви се можностите за евентуален прекин на работниот однос, но сето тоа е процедура која трае неколку месеци. Во меѓувреме тие луѓе добиваат плата – вели Димитров, за кој лага се информациите дека откази се поделени на 260 луѓе од „Мода“.

За Димитров, последиците од корона кризата сè уште се чувствуваат, а така ќе биде барем уште една година.

Конфекциите работат со половина капацитет. Целата роба од минатата година стои во магацините. Нема нови нарачки, а тоа значи и нема работа. Плус тоа ние сме фирма која е контролирана од германска компанија и кога тие велат не може ништо да се се стори, нема нарачки, што останува за помалите конфекции со домашен капитал – заклучува Димитров.