Земјоделството е еден од секторите што има значаен придонес во економиите на Република Северна Македонија и Република Црна Гора, и затоа е важно двете земји заеднички да креираат мерки за развој на овој сектор, ова денеска го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на заедничката меѓувладина седница на Република Северна Македонија и Република Црна Гора.
Николовски посочи дека изминатиот период имаат интензивна соработка со вицепремиерот за економски прашања и министер за земјоделство на Република Црна Гора, Милутин Симовиќ, во однос на размена на искуства за моделот на државава за ефикасно искористување на ИПАРД програмата, и искуството на Црна Гора во преговарачкиот процес со Европската Унија во делот на поглавјата за земјоделство, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
За нас е особено добредојдено искуството на Црна Гора во делот на отворањето на поглавјата 11 и 12, бидејќи Црна Гора веќе ги има отпочнато преговорите, и може на експертско ниво да ни помогнат. Важно ни е секое искуство во делот на скринингот и поглавјата што во делот на земјоделството се навистина тешки и поради тоа секое искуство ќе ни биде драгоцено. Од друга страна, ние имаме позитивно искуство во делот на искористеноста на ИПАРД програмата, важиме за лидер во регионот, и ова наше искуство ќе го споделиме со Црна Гора. Како држави ја засиливме соработката меѓу Платежните агенции на РС Македонија и Црна Гора, тие неодамна потпишаа и Меморандум за соработка, преку кој ќе се зајакнат капацитетите за соработката и размената на искуства особено во делот на ефикасното искористување на средствата од Европскиот земјоделски Фонд за рурален развој, посочи министерот Николовски.
Тој потенцираше дека двете држави активно работат на олеснување и зголемување на трговската размена особено во делот на земјоделско-прехранбените производи. Минатата година во Струга Република Северна Македонија и Република Црна Гора потпишаа Декларација со што се обврзаа на поедноставување на процедурите во делот на размена на земјоделските производи, конкретно во однос на инспекциските служби и заемно признавање на резултатите од акредитираните лаборатории на двете земји. Двајцата министри во своите обраќања на денешната меѓувладина седница посочија дека активно учествуваат и во креирањето на мерките во делот на новата заедничка земјоделска политика на ЕУ 2021-2027, што е фокусирана на малите земјоделци, на еко-шемите, односно, новите модели на зелена поддршка во делот на субвенционирање и постепеното зголемување на финансиската поддршка за рурален развој. Добрата соработка и потребата од размена на искуства министрите Николовски и Симовиќ ја потврдија и на вчерашната билатералната средба.
Инаку, ова е прва меѓувладина седница на Република Северна Македонија и Република Црна Гора, што се одржа во рамките на официјалната посета на премиерот Зоран Заев и владината делегација на Црна Гора
Comments are closed for this post.