Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги прифати барањата на преспанските јабокопроизводители за продолжување на мерката за дополнителни три денари предадено индустриско јаболко до 30 јуни годинава, како и исплаќање субвенциите пред законски предвидените рокови,

Ова денеска им го соопшти ресорниот министер Љупчо Николовски на работниот состанок со производителите на јаболка во Ресен.

Мерката се однесува за продадено индустриско јаболко предадено кај регистрирани откупувачи во земјава и странство. Со оваа одлука, како што појасни, се очекува да се откупат до 30.000 тона јаболка, што се нови 90 милиони денари за производителите на јаболка.

„МЗШВ оваа дополнителна мерка ја воведе минатата година, а во периодот откако стапи на сила до денес се откупени 45 илјади килограми јаболко, што е два до три пати повеќе од било која година претходно. Тоа се околу 2,5 милиони евра повеќе пари што оваа година ќе дојдат кај производителите на јаболка во преспанскиот регион“, истакна Николовски.

Министерството, додаде, претходно ги прифати и другите две барања на производителите на јаболка, односно основната субвенциија за одржување на овошни насади ќе биде исплатена до 25 март, а дополнителната поддршка од три денари ќе биде исплатена до 30 јуни.