Не верувам дека оваа година ќе има поскапување на струјата, изјави вечерва министерот за економија, Крешник Бектеши на гостувањето во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.

Тој истакна дека се прават анализи внатре во институциите и во делот на производството во ЕСМ, кое е најниско во последниве години.

– Стојам на ставот што го кажа премиерот. Ние ќе најдеме соодветни механизми кои веќе се обработуваат во склоп на институциите се со цел да нема зголемување на електричната енергија, рече Бектеши, додавајќи дека ова не се прави заради престојните избори, туку поради тоа што граѓаните поминаа низ една криза и очекуваат да нема зголемување на цената на струјата.

Во однос на мерките, Бектеши најави дека сите шест пакети мерки ќе бидат целосно реализирани. Повтори дека мерка за директна финансиска поддршка за исплата на плати нема да има, со оглед на тоа што скоро сите дејности работат без ограничувања.

Потенцираше дека на почетокот на годинава реализацијата на првите четири сета мерки била 82 проценти, но, како што подвлече, имало одредени законски решенија кои што биле блокирани во Собранието.