Управата за јавни приходи   тврди дека  е подготвена  за примената на новиот прогресивен данок, кој треба да стапи на сила од први јануари  наредната година. Дирекорката   Сања Лукаревска вели дека единствената задача на даночните обврзници е да го адаптираат софтверот, но не ја исклучува можноста, да има одредени потешкотии во процесот на имплементација, како резултат на одредени нејаснотии кои ќе се појават кај даночните обврзници затоа што станува збор за нова реформа.  Од УЈП велат за  примената на новиот прогресивен данок недостасува кадар и затоа најверојатно  ќе се реализираат  нови вработувања во институцијата.

И додека Управата за јавни приходи вели дека е подготвена за новите реформи, бизнис секторот на големо коментира за негативните ефекти од оваа реформа. Германските стопанственици денеска  преку соопштение реагираат дека предлог законот за оданочување на личен доход ќе го зголеми даночното затајување и сивата економија

Делегацијата на германското стопанство во Македонија, не го поддржува зголемувањето на данокот на личен доход. Воедно сакаме да ја искажеме нашата критика за не вклучувањето на приватниот сектор во дијалог за новиот закон. Македонија како дестинација за странските инвеститори, воглавно е конкурентна со предвидливоста, долгорочното планирање, правната сигурност.  Со новиот закон се одалечуваме од фиксна стапка на рамниот данок, а со тоа не само што се зголемуваат  трошоците за компаниите, туку првично се создава несигурност кај стопанствениците- соопшти Мартенс.

 Со почеток на новата календарска година, Македонија го воведува прогресивниот данок на доход. За бруто плата во висина до 90.000 денари, се применува даночна стапка од 10%, повисоките плати од 90.000 денери се оданочува со 18%. Покрај тоа, придонесите за пензиско осигурување ќе се зголемат од 18% на 18,4% во 2019 и на 18,8% во 2020. Исто така, придонесот за здравствено осигурување ќе се зголемува постепено, од 7,3% на 7,4% во 2019 и 7,5% во 2020 година, со што автоматски ќе се зголемат трошоците за работна сила за работодавците. Покачувањето на придонесите не гарантира подобрување на системот. Првично е многу поважно да се направи реформа во здравствениот систем, која ќе подразбира транспарентност во работењето, а во фокус ќе бидат ставени пациентите- соопшти Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

Се очекува прогресивно оданочување да го зголеми даночното затајување и сивата економија. Зголемувањето на трошоците секогаш претставува “проблем за компаниите“. Особено во временски период кога тие веќе се оптоварени со нови административни давачки, како зголемувањето на минималната плата или регулативата за заштита на лични податоци.

Досегашната даночна политика, односно рамниот данок во изминатите години се докажа како значаен фактор за атрактивноста на Македонија како дестинација за странските инвеститори. Голем број на германски компании инвестираа во Македонија. Покрај тоа, не е добро за една земја постојано да ја менува својата даночна политика- соопшти Мартенс.

Инаку во Собранието вчера се одржа јавна расправа  по однос на Предлог-законот за данокот на личен доход, а на која присуствуваа   експерти од областа, професори, претставници на институции, организации, здруженија и асоцијации.  Дел од нив истакнаа дека  оваа реформа нема да ги даде очекуваните резултати  и ефекти. Ќе се намалуват странските инвестиции , ќе расте сивата економија и неплаќањето на даноците. Стопанствениците  бараат реформата да се одложи до влегување во ЕУ