Народната банка на Република Македонија стои на ставот за оптималност на постојниот режим на девизниот курс и смета дека не постојат причини ниту каква било потреба да се отвораат дебати за евентуална девалвација на денарот.

Стабилноста на домашната валута е клучниот момент за одржување и на ценовната и на финансиската стабилност. Не постојат причини ниту, пак, каква било потреба да се отвораат дебати за евентуална девалвација на денарот. Во економијата не постојат нерамнотежи што би можеле да создаваат притисок врз домашната валута ниту, пак, има индиции за отстапувања на курсот од неговото оптимално ниво, се наведува во соопштението на НБРМ.

Од голема важност е, како што се наведува, тоа што оваа година екстерната позиција на економијата е исклучително поволна и силна, а Народната банка интервенира со висок нето-откуп на девизи, што дополнително ги зајакнува девизните резерви, кои на континуирана основа се одржуваат на високо ниво, и создава простор да се реагира на евентуални притисоци и да се одржува силен капацитет за одржување на стабилноста на домашната валута

Оттука, од Народната банка сметаат дека тековниот контекст во државата воопшто не треба да се поврзува со стабилноста на домашната валута, ниту на домашниот банкарски систем. И едниот и другиот сегмент се исклучително здрави и отпорни и не постојат рационални причини за разнишување на довербата и на тековно позитивните очекувања.

Реакцијата на НБРМ следува по вчерашната изјава на претседателот на Советрот на странски инвеститори во земјава,  Штефен Петер, кој на дебата за евроатланските перспективи тврдеше дека ако земјава не влезе во Европската Унија, ќе се разниша стабилноста на денарот.

Ако ѝ кажете ’НЕ‘ на ЕУ, ќе биде тешко да ја задржите стабилноста на македонскиот денар, што ќе предизвика дополнителен притисок врз банкарскиот сектор. Увозот и извозот ќе се намалат. Домашните компании ќе ја загубат конкурентноста. Ќе се намалат и странските директни инвестиции“, кажа Петер.