Раст од 22,4 отсто бележи извозот од Македонија во 11-те месеци од минатата година во однос на тој период претходната година, објави Државниот завод за статистика.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – ноември 2018 година, изнесува 6.357.186 илјади американски долари. Вредноста на увeзената стока, во периодот јануари-ноември 2018 година, изнесува 8.299.399 илјади американски долари, што е за 18,8 отсто повеќе во споредба со тој период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2018 година, изнесува 1.942.213 илјади американски долари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – ноември 2018 година, изнесува 76,7 отсто.
Од Македонија најмногу се извезувале катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).
Најмногу се увезувале платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени.
Во периодот јануари – ноември 2018 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија
Comments are closed for this post.