Цената на нафтата на берзите во Њујорк и во Лондон е на највисоко ниво уште од ноември 2014 година. Според аналитичарите, тоа е одраз на стравувањата на пазарот дека американските санкции против Иран ќе доведат до пад на понудата на светскиот пазар.
Барел американска нафта (VTI) за испорака во ноември поскапе за 2,05 долари и достигна 75,30 долари на Њујоршката берза.
Во Лондон, цената на нафтата тип Брент за испорака во декември, го заврши денот на 84,98 долари, што е за 2,25 долари повисоко во споредба со затворањето на берзата во петокот.
Иако американските санкции против Техеран теоретски ќе стапат на сила само во ноември, иранскиот извоз веќе значително се намали. Со 1,72 милиони барели дневно во септември, тоа е веќе на најниско ниво од февруари 2016 година, јавуваат американски медиуми.
Извозот опадна за 39 отсто од април, непосредно пред американскиот претседател Доналд Трамп да најави повлекување на САД од иранскиот нуклеарен договор.
Comments are closed for this post.