На бројните состаноци со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) што делегацијата предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Драган Тевдовски ги оствари во рамки на Пролетните средби на групацијата на Светската банка (СБ) и ММФ во Вашингтон, меѓу другото беше нотирана оценката дека монетарната политика во земјава е соодветна. Притоа беше потенцирано и оствареното монетарно релаксирање, во услови на стабилни движења на девизниот пазар и отсуство на инфлациски притисоци, што претставува испорачување на клучна поддршка од Народната банка за вкупната активност во економијата, соопштија од Народната банка.
Тековните движења покажуваат умерен раст на домашните цени, а со тоа и отсуство на ценовни притисоци. Просечната годишна стапка на инфлација во првите три месеци од годинава е под нивото проектирано од Народната банка. Воедно, најновите оцени упатуваат на послаби притисоци од увозните цени годинава, одделно беше нагласено на состаноците.
Делегацијата оствари состаноци со директорот на ММФ за Европа, Пол Томсен, со извршните директори на ММФ, Ентони де Ланој и Ричард Дорнбош, како и со шефицата на мисијата на ММФ за нашава земја, Џесмин Рахман. Во фокусот на состаноците, меѓу другото, покрај монетарната политика беа и економскиот развој и економските показатели коишто ги следи централната банка.
Гувернерката на Народната банка потенцираше дека расположливите високофреквентни податоци од почетокот на годинава упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, што соодветствува со очекувањата за постепено забрзување на економскиот раст во наредниот период. Во однос на монетарните движења се осврна на растот на депозитите којшто го надминува проектираниот, како и на нивото на кредитниот раст во текот на минатата и првиот квартал на оваа година. На состаноците се говореше и за најновите проекции на ММФ за македонската економија.
Одделно внимание беше посветено и на техничката помош којашто ММФ ѝ ја дава на Народната банка. Притоа, на состаноците беше искажано големо задоволство од досегашната соработка и од резултатите коишто ги постигна нашата централна банка со поддршка од ММФ.
Постојано следејќи ги најновите европски и меѓународни стандарди и најдобрите практики, ние сме цврсто решени и натаму да унапредуваме повеќе сегменти на нашето работење и тоа е детерминирано и во нашиот Стратегиски план. Во таа насока, за нас ќе биде клучно да добиеме поддршка од ММФ, со цел што побрзо и поефикасно да оствариме дел од реформите коишто ги имаме зацртано, порачува гувернерката Ангеловска-Бежоска, којашто на високите претставници на ММФ им ги елаборираше проектите за кои иницираше идна соработка.
На состанокот со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Андре Мекдовел и со генералниот директор на ЕИБ за кредитни операции, Жан-Кристоф Лало, меѓу другото беше склучен меморандум за соработка меѓу Народната банка и ЕИБ во спроведувањето на Анкетата за кредитна активност за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ).
Со приклучувањето на нашата централна банка во овој значаен проект на ЕИБ, ние добиваме можност уште еднаш да ја потврдиме нашата посветеност на активното учество во меѓународните иницијативи значајни запотемелното следење на тековите во економијата. На овој начин, како централна банка овозможуваме директна вклученост на повеќе банки од нашиот банкарски систем во Анкетата за кредитна активност на ЕИБ. Со тоа, во рамки наова анкетно истражување ќе се добие целосна слика за состојбите на нашиот кредитен пазар и за движењата на кредитната побарувачка, а истовремено подобро ќе се согледаат и факторите коишто влијаат врз кредитната побарувачка, како и промените во кредитните услови. Особено важно е што сето ова е во контекст на согледувањата за натамошните економски движења во регионот. Значајно е и што преку овој проект, на полугодишно ниво, ние ќе имаме можност состојбите со кредитната активност кај нас да ги согледаме и компаративно, во рамки на ЦИЈЕ, истакна гувернерката на Народната банка по потпишувањето на меморандумот.
Ангеловска-Бежоска учествуваше и на состанокот на Надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2, на којшто се разговараше за најновите движења во рамки на банкарските системи на земјите од ЦИЈЕ.
Делегацијата на земјава, во рамки на Средбите во Вашингтон оствари состаноци и со заменик претседателот на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер, со регионалнната директорка на СБ за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, како и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашата земја, Кун Дависе и со потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија, Георгина Бејкер.
Годинешното издание на Пролетните средби на групацијата на СБ и ММФ завршува денеска.
Comments are closed for this post.