Денеска испраќаме јасен сигнал дека имаме волја, план и капацитет да го обезбедиме својот енергетски суверенитет и да го заштитиме својот економскиот интерес на државата на долги патеки, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес конференција.

Со потпишувањето на овој меморандум со „Казанџи Груп“, отвораме простор за реализација за значаен стратешки проект, вреден до една милијарда евра инвестиција што ќе има реално, практично и долгорочно влијание врз енергетскиот систем на државата.

Проектот предвидува три главни компоненти:

Развој на нови капацитети за производство на електрична енергија;
Изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас;
Како и мерки за зголемување на сигурноста во снабдување со гас.

Ова не е само инфраструктурен проект. Ова е проект што ја засега безбедноста, стабилноста и економската иднина на државата. Енергијата е основа за секој вид производство, за функционирањето на институциите, за нормалниот живот на граѓаните. Да имаме свој извор и стабилна дистрибуција значи да имаме сигурност, предвидливост и контрола врз еден од најважните системи во државата.

Со оваа инвестиција се отвораат и нови можности за индустријата, се поддржува гасификацијата, се отвораат нови работни места, и се зајакнува енергетската отпорност на државата. Истовремено, со развојот на домашни производствени капацитети ја намалуваме зависноста од увоз и влијанието на надворешни ценовни и политички ризици.

Оваа соработка е резултат на одговорен пристап, јасна визија и стабилно владеење. Сакам да упатам благодарност до „Казанџи Груп“ за довербата што ја покажаа кон нашата држава и институциите. Македонија нуди услови за сериозни и долгорочни инвестиции, и денешниот настан е доказ за тоа.

Како Влада, остануваме фокусирани на енергетските политики, не како ад-хок мерки, туку како дел од долгорочен и доследен план. Нашата цел е јасна, да ја изградиме државата како стабилен и самостоен енергетски субјект во регионот.

Во вакви моменти, кога се поставуваат основи за системски промени, важно е да се потсетиме дека ова не е крајната цел, туку почеток на процес што ќе го следиме внимателно, одговорно и домаќински. Ќе продолжиме да инвестираме во енергетиката, но и во секој друг сектор што значи подобар живот за граѓаните.

Ова е уште еден конкретен чекор напред.

Со работа, со стабилност и со партнерства, ги отвораме можностите што ги заслужуваме.

Вака ги градиме темелите на промените. Чесно, одговорно и посветено во секое поле и област.