Заостанатите обврски за интервентните мерки од претходните години ќе се исплатат по ребалансот на Буџетот, прецизира денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
Во одговор на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Владата, Димковски рече дека законска обврска е до крајот на јуни да се исплатат редовните субвенции за земјоделците, а тоа, како што кажа, е направено за сите земјоделци, вклучително и за оризопроизводителите кои денеска протестираат и го блокираа патот Штип – Кочани, барајќи да им бидат исплатени субвенциите од пет денари по откупен килограм ориз што им биле ветени лани.
– На оризопроизводителите лани во периодот од 12 октомври до 5 декември им беа ветени по пет денари за откупен килограм ориз како интервентна мерка. На средбите што ги имавме пред две недели им кажавме дека ќе им бидат исплатени и побаравме дополнителен рок. Заклучно со 30 јуни годинава исплатени се основните субвенции на сите земјоделци, а со прераспределба на средства од програмите успеавме да им ја исплатиме интервентната мерка на јаболкопроизводителите. Им дадовме предност бидејќи нивниот род го предадоа во јануари минатата година, а оризопроизводителите во ноември и декември. Ним и на сите останати ќе им бидат исплатени парите за интервентните мерки по ребалансот на државниот Буџет, истакна Димковски.
Тој побара да не се манипулира со оризопроизводителите и нагласи дека на протестите има само 15 трактори, а во земјава има околу 3.000 оризопроизводители.
За барањето на лозарите за повисоки откупни цени на винските сорти грозје „вранец“ и „смедеравка“ рече дека очекува да се задржат на минатогодишното ниво и додаде дека производната цена на винското грозје зависи од површината, а откупната од понудата и побарувачката.
– Просечните трошоци за производство што ги имаат лозарите изнесуваат околу 90.000 денари по хектар, а Министерството за еземјоделство, шумарство и водостопанство им одобрува по 40.000 денари. Плус лани како интервентна мерка им беа доделени по еден денар за откупен килограм што ќе им бидат исплатени по ребалансот на Буџетот, рече Димковски.
Нагласи дека во земјава нема забрана за откуп на грозје и од странски компании доколку се регистрирани согласно законите и додаде дека според највите во земјава нема да има вишок на грозје и оти целиот род ќе биде откупен.
Comments are closed for this post.