Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави статистички податоци според кои бројот на работниците во индустријата во мај 2019 година е помал од бројот во мај 2018 година.

„На уште една од стотиците лаги на Зоран Заев ѝ пристигна демантот. Дека на лагата и се кратки нозете говорат следниве факти, имено бројот на работници во индустријата во месец мај 2019 е за 2,5% помал од бројот на работници во индустријата за истиот месец во 2018 година. Истото важи и за бројот на работници во индустријата за периодот од Јануари до Мај 2019 споредено со истиот период во 2018 година, имено во периодот Јануари-Мај 2019 работат во индустријата за 0,6% помалку работници отколку истиот период 2018 година“, објави Мицкоски на фејсбук.

Вистината како што додава тој е немилосрдна исто какви што се цунами последиците во македонската економија како резултат на политиките на сега веќе двоецот Заев-Анѓушев.

„Истовремено индустриското производство во номинала пораснало во месец Мај 2019 споредено со Мај 2018 година за катастрофални 1,2% што е помалку од инфлацијата во РМ, што значи дека реалниот раст е негативен. Катастрофата во вториот квартал од 2019 што ја најавивме продолжува со рекордно ниското ниво на реализиција на капиталните инвестиции заклучно со месец Мај 2019 година, 13,74%. Немаат развоен концепт, немаат визија, нема структурни реформи. Планот на двоецот Заев-Анѓушев е во две генерални точки: прво, целосна окупација на министерството за финансии и второ, концепт на зголемување на задолжувањето на државата на рекордно ниво од сегашните 49% од БДП на 60% од БДП (околу 1.500.000.000 $) не за капитални инвестиции и развој туку за социјални трансфери, плати и пензии, мислејќи дека на тој начин ќе тргуваат со симпатиите на гласачите и ќе ги добијат следните парламентарни избори, истовремено потценувајќи ја колективната меморија на граѓаните за сите недела, лаги, криминал и корупција изминатиов период. Едноставно, криминалниот ум не се менува…

Доаѓа крајот на оваа антибизнис и антиреформска влада, доаѓа крајот на криминалот, корупцијата, уцените и притисоците. Новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ го враќа рамниот данок, поголеми плати и пензии врз основа на зголемена продуктивност и економска активност на компаниите и носи историски план за економски силен развој на Македонија, стои во неговиот пост на Фејсбук.