Дури 59 отсто од големите германски инвеститори ја оцениле како лоша работата на македонската Влада, покажува анкетата објавена од германската стопанска комора. Делегацијата на германското стопанство во Македонија од 2006 година редовно ја спроведува анкетата со која се оценува Македонија како дестинација за инвестирање.

Само 2 отсто од компаниите како ДХЛ, Кнауф, ОДВ Електрик, Кеслер, Дракслаер. Кромберг и Шуберт и другите ја оцениле како добра работата на Владата, а како најголем ризик (61 проценти) се наведува недостигот на стручна работна сила во земјата. Дури 31 отсто одговориле дека не би инвестирале повторно, што е најголем процент од 2012 до сега. Најлоша оценка има борбата против корупцијата и криминалот.

Оваа година анкетата се спроведе во периодот од 1 март до 14 април. Резултатите не беа премногу изненадувачки, македонското стопанство е загрижено поради последиците кои ги предизвика пандемијата. Членовите на Македонско-Германското стопанско здружение посочија на проблеми кои се однесуваат на владеењето на правото, како и на политички проблеми – објави комората.

Само 8 отсто од испитаниците ја сметаат сопствената деловна состојба како добра (2019: 29%), а 53 проценти од испитаниците како задоволителна (2019: 61%).
Очекувањата кои ги имаат стопанствениците во однос на извозот се исто така полоши во споредба со 2019 година. Само 34 проценти од нив претпоставуваат дека извозот на нивните добра и услуги ќе се развие подобро во споредба со претходните години (2019: 51%).

Како Директор на Делегацијата на германското стопанство, во соработка со германската амбасада во Скопје ќе продолжиме да водиме дијалог со македонската Влада за подобрување на овие рамковни услови во земјата. Скоро 70% од инвеститорите кои веќе инвестирале, повторно би го сториле истото во С. Македонија. Ова е солидна основа од која може понатаму да се развиваат Германско-Македонските стопански односи – велат од таму.