Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши ќе учествуваа на светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, а кој почнува утре.
Од Владата велат дека годинава ќе се насочат кон поголем развој на домашната економија, па затоа македонската делегација на Светскиот економски форум ќе се фокусира на остварување на контакти и отворање нови можности за економска соработка со развиените земји. Според Владата Форумот претставува одлична прилика за создавање нови пријателства и продлабочување на соработката со развиените европски, но и светски земји
Но сепак, годинава во Давос нема да бидат најмоќните светски лидери. Своето учество го откажаа американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот шеф на државата Емануел Макрон, британската премиерка Тереза Меј. Не одат ниту кинескиот претседател Си Џинпинг, ниту рускиот Владимир Путин.
Неизвесноста поради трговските спорови, поткопувањето на меѓународните односи, Брегзитот и забавувањето на глобалниот раст, ќе бидат доминантни теми за кои ќе се разговара на форумот.
Од групата на седум индустриски најразвиени земји дел од форумот во Давос ќе бидат јапонскиот премиер, Шинзо Абе, германската канцеларка, Ангела Меркел, и италијанскиот премиер, Џузепе Конте.
Comments are closed for this post.