Во македонските банки заклучно со 30 септември годинава македонските граѓани имаат депозити во износ од 4,082 милијарди евра. Од Фондот за осигурување на депозитите на Република Македонија информираат дека за една година депозитите на населението забележале раст од 8,69 проценти или 4,08 отсто од почетокот на годинава.
Ова е најголем раст во последните три години.
– Најмал т.е. негативен е растот на депозитите во 2016 година во износ од минус 2,5 отсто, што најверојатно се должи на тогашната политичка криза. Веќе во јуни 2017 година се забележува полугодишен раст од 1,02 отсто, а во јуни 2018 година тој е највисок и изнесува 2,61 процента, велат од Фондот од каде уверуваат дека депозитите се сигурни и безбедни.
-Фондот за осигурување на депозити како специјализирана државна финансиска институција за осигурување на депозити на граѓаните и обесштетување на истите силно влијае врз градење на довербата што македонските граѓани ја имаат во банкарскиот систем во Република Македонија. Показатели за растење на довербата се и пораснатите депозити во текот на оваа 2018 година, што се најзабележителни во последните три години, изјави за МИА директорот на Фондот за осигурување на депозитите Борче Хаџиев.
Тој ги охрабрува граѓаните да ги чуваат своите заштеди во македонските банки и штедилници и да го следат принципот на распределба на своите депозити согласно законскиот лимит за исплата на обесштетување до 30 илјади евра во денарска противвредност по депонент во една банка, филијала на странска банка или штедилница.
Податоците покажуваат дека стапката на покриеност на депозитите во првиот семестар на 2018 година има константен износ што во септември 2018 година изнесува 6,53 проценти.
Фондот, како што наведуваат оттаму, има неисплатена обврска за обесштетување во износ од 150,9 милиони денари или близу 2,45 милиони евра, што претставува само 9,91 отсто од вкупните обврски за обесштетување.
– Доколку пресметаното обесштетување се анализира по групи односно по висина на износ на обесштетување се утврдува дека во категоријата од 100 до 500 денари, процентот на неисплатено во однос на пресметано обесштетување изнесува дури 96,01 отсто, што значи дека токму малите износи, односно нивната неатрактивност е причина што овие износи не се исплатени, односно подигнати од страна на депонентите, велат за МИА од Фондот.
Comments are closed for this post.