Владите на земјите-членки на Европска Унија ја избраа Кристалина Георгиева од Бугарија за свој кандидат за директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Таа по 12-часовна дебата, во вториот круг гласање го победи Холанѓанецот, Јерун Дајселблум, откако другите тројца кандидати се повлекоа од трката.

Гувернерот на Централната банка на Финска, Оли Рен и шпанската министерка за економија Надиа Калвино се повлекоа по првиот круг од гласањето.

Георгиева (65) во моментот е извршна директорка на Светска банка.

Нејзината кандидатура го принуди ММФ да го смени правилото – директорот да има помалку од 65 години.

Највисоката функција во ММФ, глобалниот кредитор со седиште во Вашингтон, традиционално му припаѓа на Европеец. Кандидатите за директор на ММФ можат да се пријавуваат до 6 септември. Ќе победи оној кандидат кој ќе добие 55 отсто од гласовите на владите на 28 земји-членки на ЕУ. (МИА)