ДДВ обврзниците имаат рок до 15 јануари доброволно да се регистрираат во системот на данок на додадена вредност и да ги поднесат документите на увид во Управата за јавни приходи (УЈП). За да оценат граѓаните дали спаѓаат во групата на ДДВ обврзници од денеска на веб-страницата на УЈП им е достапен водич со детални објаснувања преку кои на пластичен начин можат да оценат дали подлежат на обврската или не.
„Водичот за подобро информирање на физички лица за данокот на додадена вредност“, беше промовиран денеска во Министерството за финансии. Документот заедно го изработија Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Цивитакс група во која членуваат 14 граѓански организации.
Професорот Марјан Петрески претставник на Цивитакс истакна дека за прв пат се објавува Водич кој е подготвен низ консултативен и дебатен процес со заемно слушање на аргументите на страните. Тој на прес-конференцијата ги презентираше деталите од Водичот.
Од соработката на институциите произлегоа две клучни подобрувања:
I Водич за физичките лица, ДДВ обврзници
Целта на Водичот е на едноставен начин да ги информира граѓаните за три работи: 1. Дали спаѓаат во оваа група? 2. Како можат да се регистрираат за ДДВ обврзници? 3. Кои поволности ги нуди системот?
Мнозинството на граѓани не се и не треба да бидат обврзници за ДДВ. Бидејќи платите, надоместоците на плати, бонусите и слично, не се предмет на оданочување со ДДВ.
Немаат обврска да влезат во системот на ДДВ ниту оние кои дополнително од платата прават промет помал од 1 милион денари на годишно ниво, односно 83.333 денари просечно на месечно ниво.
Оние кои вршат промет повисок од ова треба да видат дали сите промети им влегуваат во прагот, бидејќи постојат ослободувања и олеснувања.
На пример: изнајмување на недвижен имот за станбени цели не е предмет на оданочување со ДДВ, а исто така, не подлежат на оданочување со ДДВ и давање услуги (пример: ИТ, консултантски и слично) кон странство, како и средства од грантови.
Водичот може да се најде на веб-страницата на УЈП и во него можат да се најдат сите објаснувања.
I Предлог за законски измени во насока на допрецизирање и подобрување на постоечкиот „Закон за ДДВ“:
Од соработката со граѓанските организации произлезе предлогот Министерството за финансии да подготви две измени во законот за ДДВ.
Со првата подобро ќе се прецизира ослободувањето на образовната дејност во законот, и истата природно ќе се надополни и со научната дејност.
Второто се однесува на периодот за кој може да се изврши дерегистрација. Во моментов ДДВ обврзниците имаат обврска да останат во системот 5 години по регистрацијата. На барање на граѓанските организации, ќе дадеме можност на доброволна основа лицето да може да се одјави по 2 години, доколку во нив има промет помал од 1 милион денари и не остварил поврат на ДДВ.
Моментално лицата кои стануваат ДДВ обврзници се дел од овој систем во следните 5 години по регистрацијата. Граѓанскиот сектор побара тие да имаат можност по две години да поднесат барање за исклучување од системот, доколку повеќе не ги исполнуваат условите.
Овие барања се прифатливи за Министерството за финансии и УЈП. Истите во најбрз можен рок ќе бидат подготвени во форма на предлог измени на законот и поставени на јавна консултација.
Comments are closed for this post.