Вкупно 250 работници, 150 инженери 40 архитекти вработени во градежните компании наредните месеци ќе се обучуваат за проектирање, дизајнирање и инсталирање на фотоволтаици и топлински колектори. Проектот е со цел да се одговори на барањата за подобрување на енергетската ефикасност на објектите и подготовка на кадарот за сѐ поголемиот интерес на компаниите и домаќинствата за користење и производство на енергија од обновливи извори.
Како што беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора, над 2.000 градежни компании од земјава ќе можат да се вклучат во проектот за обука на кадарот. Обуката ќе се реализира преку Центарот за менаџирање знаење и вештини кој е формиран за таа цел, а со неа ќе бидат опфатени сите занимања во градежништвото како и инженерскиот и архитектонски кадар рече Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија.
Планирано да се направи база на сите обучени кадри и база на тренери кои ќе им бидат достапни на компаниите и граѓаните за да можат полесно да ги реализираат своите проекти. Образованието и вештините на овие луѓе ќе бидат внесени во националниот систем на квалификации и ќе бидат препознаени на меѓународно ниво.
Ристо Јаневски, претседател на Здружението на енергетиката при Стопанската комора на Македонија се осврна на законските погодности кои заедно со сѐ пониската цена на производството која ја прави оваа енергија конкурентна на пазарот на енергија. Тој ги повика компаниите да инвестираат во фотоволтаици, оти како што рече, инвестицијата е исплатлива за 5 до 6 години.
Во земјава, како што рече, само една фирма произведува фотоволтаици,а 11 компании произведуваат панелки. Проектните активности ги спроведува Стопанската комора на Македонија, како координатор, во партнерство со: Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Јавната установа Центар за образование на возрасните – Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и WITS INSTITUTE SL (BIM Academy) Академијата БИМ од Шпанија.
Comments are closed for this post.