Државната второстепена комисија  ја одби жалбата на канадската „Еуромакс Рисорсис“. Тоа значи дека  оваа компанија  не доби дозвола за експлоатација на руда во рудникот Иловица-Штука, со што и рудникот нема да се гради.

Државата сега се соочува со нова опасност –  да добие тужба на милионски износ од концесионерот „Еуромакс Рисорсис“.  Од „Еуромакс Рисорсис“  велат дека веќе го добиле решението со кое нивната жалба е одбиена од Комисијата, но во овој момент, велат многу е рано да кажат дали ќе тужат и кои ќе бидат нивните идни чекори.

Ги анализираме деталите изнесени во Решението, како и импликациите кои ќе произлезат од истото. Во овој момент, е многу рано да се произнесеме која ќе биде нашата одлука за понатамошните наши чекори, кои ќе бидат преземени. Поради тоа, не сакаме да даваме дополнителни коментари во врска со ова. Меѓутоа, во догледно време, откако ќе биде донесе конечна одлука, ќе бидете известени за нашите идни чекори“, велат од Еуромакс Рисорсис.

Неофицијално, канадската компанија нема да избрзува со тужба, туку најверојатно ќе се обиде претходно да ги искористи сите други алатки што и стојат на располагање. Доколку другите чекори не вродат плод, тужбата би била логичен исход. Колку таа ќе тежи, засега не може да се шпекулира, но сигурно дека ќе биде на милионски износ, со оглед што компанијата во рудникот планираше да вложи околу 340 милиони евра.