За нас, економијата не е статистика. Тоа се работни места, плати, инвестиции, услови за развој. Во првата година покажавме дека знаеме, можеме и сме подготвени. Но, нашата работа не завршува тука – ова е само почеток, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска на денешната прес-конференција во Владата на која информираше за сработеното во текот на измината година.
Пред една година, со јасен мандат од граѓаните, ја презедовме одговорноста да ја водиме државата – чесно, транспарентно и со економски разум. Знаевме дека ќе се соочиме со предизвици. Знаевме дека ни претстои напорна работа. Но, уште повеќе – знаевме дека промените се можни. Денес, по една година, можеме да зборуваме со аргументи, бројки и резултати. Нашата прва задача беше стабилизација на јавните финансии. Затекнавме состојба во која фискалниот простор беше речиси исцрпен – дефицитот беше висок, долгот се зголемуваше, капиталните инвестиции не се реализираа, а довербата на пазарите беше разнишана. Подготовката на ребалансот на Буџетот веднаш по преземањето на функцијата нè исправи мене и мојот тим во Министерството за финансии пред многу предизвици и ни отвори многу прашања на кои требаше да најдеме решение. Тоа беше првиот предвизивик на кој работевме и предложивме едно најоптимално решение, имајќи ги предвид ресурсите со што располагавме и малиот простор за маневар и секако макроекономската состојба, рече министерката.
Таа додаде дека сето тоа го направиле во исто време кога почна да се подготвува и Буџетот за 2025 година „со кој имавме за цел да создадеме цврста основа на која ќе се отсликаат политиките што ќе ја водат државата напред“.
Донесовме одговорен и развоен ребаланс на Буџетот, што обезбедува повеќе средства таму каде што се најпотребни – во здравство, образование, поддршка на стопанството и капитални инвестиции. Со Ребалансот на Буџетот за 2024 година обезбедивме ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината. Со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите што имаат соодветна динамика. Ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет како што се недоволно испланирани средства за права што се законски предвидени, средства за сервисирање на доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Обезбедивме редовна исплата на плати, што беа усогласени согласно Закон во септември, обезбедивме редовна исплата на пензиите и го реализиравме нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, ги исплативме доспеаните обврски и не ги одложивме, додаде министерката.
Таа рече дека во првата година спровеле сериозни и храбри мерки.
Креиравме Буџет за 2025 година што е, пред сѐ, развоен, поткрепен со планирани средства за капитални проекти, проекти на општините, за поддршка на стопанството. Буџет што носи промена во водењето на јавните финансии и што е само дел од новиот концепт што го воведуваме во практика, а што се заснова на фискална консолидација и инвестиции во остварување забрзан економски раст, рече Димитриеска – Кочоска.
Како што истакна, „Владата ја презеде одговорноста во момент на големи очекувања и ограничени ресурси“.
Во само една година, успеавме да го намалиме буџетскиот дефицит како дел од планот за фискална консолидација. Успеавме да гио намалиме јавниот долг штo енормно порасна во претходните години и беше загрижувачки висок. Јавниот долг е намален за 36 милиони евра во однос на крајот на 2024 година, а неговото учество во БДП е намалено за значајни 4,7 процентни поени. Овој позитивен тренд претставува резултат на прудентното и дисциплинирано управување со јавните финансии, како и на ориентираноста кон инвестиции кои генерираат одржлив економски раст. Истовремено клучно е дека ова е постигнато во период кога е извршена исплата на еврообврзница од 500 милиони евра кон странство, сервисиран е долг на внатрешниот пазар во износ од 10,7 милијарди денари, а истовремено е направено задолжување на домашниот пазар помало за 16,4% во споредба со направеното задолжување во истиот период лани, истакна министерката.
Таа рече и дека за една година обезбедиле стабилизација на економската активност и стапки на раст што последователно во три квартали се околу три отсто.
Од 1,9 проценти економски раст во првиот квартал минатата година и 2,8 отсто во вториот квартал, по доаѓање на оваа Влада имаме раст кој е 3 и над 3 проценти и остваривме раст во 2024 година од 2,8 проценти кој беше и над нашата проекција од 2,1 отсто. Растот е диверзифициран – не се должи само на една гранка. Индустријата, услугите, градежништвото и извозот се движат, што покажува вистински економски импулс, рече министерката.
Таа кажа дека биле обезбедени 250 милиони евра преку Развојната банка за поддршка на приватниот сектор. До денес, нагласи таа, се реализирани четири транши, а во подготовка се нови производи насочени кон преработувачката индустрија. Со ова, како што нагласи министерката, се активира инвестициски циклус од 300 милиони евра во приватниот сектор, со нови погони, машини и работни места.
За првпат, во Буџетот обезбедивме 250 милиони евра директна поддршка за општините. Средствата се веќе распределени по ресорни министерства и се наменети за инфраструктура, водоводи, канализации, училишта, детски градинки и енергетска ефикасност. Веруваме дека развојот мора да биде рамномерен и фер за сите граѓани и сите општини. Ја намаливме инфлацијата. Од 14 проценти на почетокот од 2023, денес таа е стабилизирана со тенденција на понатамошен пад. Обезбедивме стабилни цени на енергенсите, интервенции во трговијата со храна, и контрола на маржите. Ова значи реален раст на платите и на куповната моќ – првпат по долг период. Го прочистивме списокот на проекти – повеќе нема „капитални инвестиции“ на хартија. Се инвестира само таму каде што има подготвеност, документација и реална вредност. Донесена е Уредба за управување со јавни инвестиции, со цел подобрување на процесот на подготовка на инфраструктурните проекти, и нивната зрелост за финансирање и реализација, наброја министерката.
Согласно Уредбата сите буџетски корисници и јавни субјекти, како јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, вклучително и општините, истакна министерката, имаат обврска да ги доставуваат своите иницијативи за реализација на јавни инфраструктурни проекти со проценета вредност од пет милиони евра нагоре до Министерството за финансии кое ќе прави независен преглед и проверка на прединвестициските студии.
Министерката подвлече дека во 2024 година бил регистриран и историски највисок износ на странски директни инвестиции од 1,255 милијарди евра, што претставувало зголемување за повеќе од двапати на годишна основа.
Во првиот квартал од 2025 година реализиран е прилив на странски директни инвестиции од 135,8 милиони евра, при што сопственичкиот капитал и реинвестираната добивка изнесуваат 284 милиони евра и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 42 милиони евра (или за 17,4%), додека кај должничките инструменти е забележан одлив. Ги намаливме царинските стапки за 67 стоки – суровини и репроматеријали за домашната индустрија, со што директно ја стимулираме домашната конкурентност и индустрискиот раст. Го либерализиравме увозот на стоки со потекло од САД, како дел од стратешкото партнерство и зајакнување на економските врски со најголемата светска економија. Македонија се приклучи кон СЕПА областа – зоната на единствени плаќања во ЕУ, процес што го работевме заедно со НБРМ. За таа цел, заедно со тимот во Министерството за финансии ги изменивме Законот за платежни услуги и платни системи, како и Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам. Ова значи дека граѓаните и компаниите ќе можат да вршат трансфери во 38 земји од СЕПА и ЕУ како во домашен платен промет, со пониски трошоци и зголемена брзина, истакна Димитриеска – Кочоска.
Во текот на годината, додаде таа, Министерството активно работело и на усогласување на фискалната и финансиската регулатива со ЕУ – стандардите. Започната е имплементацијата на Закон за буџети, што ја воведува фискалната рамка за период од три години, кои, вели, гарантираат повисока фискална дисциплина, подобра распределба на ресурсите, прозрачност и отчетност кон јавноста. Донесен е пакет од 17 подзаконски акти во насока на ефикасно управување со јавните финансии, кои беа еден од условите за повлекување на авансните средства од Планот за раст на ЕУ. Македонија прва ги исполни условите за повлекување на авансните средства, рече Димитриеска – Кочоска.
Таа се осврна и на платите, пензиите, животниот стандард.
- Просечната плата е зголемена за над 10 проценти и достигна повеќе од 40.000 денари. Пензионерите добија постојано зголемување на пензиите, во просек за 5.000 денари годишно. Стапката на невработеност се очекува да се намали на ниво до 11,1 отсто во 2025 година. Обезбедивме раст на платите во администрацијата, здравството, полицијата, образованието. 87.000 вработени имаат покачување на платата, тоа се повеќе средства за многу семејства во земјава, рече министерката.
Кажа дека донеле фискални правила и нова Фискална стратегија до 2030 година, со јасни лимити и фокус на среднорочна одржливост.
- Го реформираме Законот за Буџет, што ќе обезбеди поголема транспарентност, отчетност и независност на буџетскиот процес. Започнавме и реформа на системот за јавни набавки, за да спречиме корупција и ја зголемиме ефикасноста. Беше донесен Законот за минимален глобален корпоративен данок на доход во декември 2024 година што е усогласен со Директивата на Советот (ЕУ) 2022/2523 од 14 декември 2022 година за обезбедување на глобално минимално ниво на оданочување за мултинационални претпријатија и големи домашни групи во Унијата, рече министерката.
Беше кажано и дека Министерството за финансии за првпат го презема претседавањето со ЦЕФ.
- Ја заживеавме Академијата за јавни финансии што претставува клучна институција за градење и унапредување на административните и техничките капацитети во јавниот сектор, со фокус на буџетирање, управување со јавни средства и европски фондови. Преку континуирана едукација и професионализација, таа е важен столб во реформата на јавните финансии и модерната, отчетна администрација. Како резултат на нашите заложби, мора да истакнам дека Министерството за финансии за првпат, ја презема улогата на претседавач со Управниот одбор на ЦЕФ – Центарот за извонредност во финансиите. Ова е значајно меѓународно признание за нашата посветеност на реформите во јавните финансии и на изградбата на професионална, модерна и отчетна администрација, додаде министерката.
Министерството за финансии, како што подвлече таа, „веќе функционира како служба во интерес на граѓаните, а не како затворен круг“.
- Повикавме на отворен дијалог со стопанственици, синдикати, општини и меѓународни партнери. Успеавме да ја вратиме довербата во финансиската политика – довербата е клучна алатка кога парите се јавни. Нашите заложби ги потврди и Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ која во својот последен извештај во март го потврди нашиот кредитниот рејтинг ББ+ со стабилен изглед со потврда дека водиме кредибилни и конзистентни макроекономски политики поддржани преку долгогодишната политика на фиксен девизен курс, подобрите показатели за управување во споредба со други земји со слични економски перформанси и посветеноста кон реформите во рамки на процесот на пристапување во ЕУ, беше нагласено на прес-конференцијата.
Министерката кажа дека минатата недела го доставиле Предлогот-ребаланс на Буџетот за 2025 година, во кој, нагласи, инвестициите остануваат приоритет на Владата, а целта е да се поттикне економската активност и да се оствари проектираниот раст и воедно, да се продолжи со напорите за фискална консолидција и домаќинско управување со јавните средства, односно парите на даночните обвзници.
-Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година се потврда на фискалната политика што ја водиме во изминатата година и со што обезбедуваме консолидација и стабилизирање на макроекономската состојба. Економската активност добива на динамика и забрзува, таквиот тренд ќе го одржиме и во наредниот период со политиките што се планирани со ребалансот, додаде министерката.
Димитриеска – Кочоска најави дека во следниот период ќе се засилел фокусот на дигитализација на јавните финансии, проширување на даночната основа без зголемување на даноците, измена на закони и нивно подобрување, законски решенија за поголема контрола и заштита на јавните финансии.
Ќе продолжиме да работиме – разумно, транспарентно и домаќински. Ќе продолжиме да ја градиме Македонија како земја со силни институции, здрава економија и вистински потенцијал за развој, порача Димитриеска – Кочоска.
Comments are closed for this post.