Експерти по безбедност на храна, лекари, професори, претставници на референтни институции, истражувачки центри за храна од целиот свет учествуваат во работата на мултидисциплинарниот конгрес на тема „Квалитет и безбедност на храна, здравје и нутриционизам“ што по шести пат се одржува во Охрид.
На собирот се дискутираат најновите аспекти за состојбите во медицината, нутриционизмот, технологијата и во инженерството, вклучувајќи го и производството на машини за прехранбената индустрија, токму на темата за квалитет и безбедност на она што го јадеме.
Самите експерти по оваа тематика согласни дека прашањето колку е безбедна храната во нашата земја е комплексно, зависи од многу фактори.
Она што е проблем кога се работи за храната кај нас е што има многу производители, од мали до многу големи по обем. Практично е невозможно надлежната Агенција за контрола на храната да земе примероци и да ги провери сите производи, тоа се огромни трошоци. Затоа се земаат мостри по случаен избор, некаде околку два проценти од севкупната понуда, но колку е тоа доволно за да се извлече заклучок дали храната е безбедна. Единствениот и најдобар начин потрошувачите да дознаат каква храна консумираат е сами да се информираат, и тоа не преку фејсбук, туку преку стручни лица и релевантни институции, изјави проф. Владимир Какуринов.
Тој во оваа прилика ги нагласи позитивните аспекти на консумирањето локална храна, преферирањето прехранбени производи од ова подрачје, од повеќе причини. Се работи за незагадени производи и додаде оти тие се најсоодветни на веќе создадената микрофлора во самиот организам.
И претседателот на Светската нутриционистичка организација токму тоа го нагласи, граѓаните во Македонија да јадат храна произведена тука, карактеристична за ова поднебје. Да се избегнуваат помодарски навики на консумирање продукти, на пример, свежа или сушена морска риба, морски плодови, кога се знае дека Македонија не излегува на море и оттаму нашата цревна флора не е навикната на таква храна, истакна Какуринов.
Џенгис Јашар, доктор по патологија кој го презентираше својот научен труд за улогата на бактериите во цревната флора во развојот на карцином на дебело црево, посочи предупредувачки статистички податоци, на зголемена појава на тој вид болест во земјата. Параметрите покажуваат зголемување на бројот на пациенти со малигни заболувања, конкретно на дебелото црево, што е последица на повеќе фактори, од нездрави животни навики, но секако и од несоодветна исхрана. Наспроти периодот од пред дваесеттина години кога годишно биле регистрирани до 150 пациенти со дијагностициран карцином на дебело црево, сега тој број достига околу 500 случаи на годишно ниво.
Генетски модифицираната храна има свој удел во тоа, оттаму што доведува до интеракција со бактериската флора кај локалното население, препознавајќи ја како несоодветна…Ние сме поднебје што е дефинирано како автохтоно, според начинот на кој ја произведува храната, со формиран одреден микробиом во организмот кој знае како да го процесира храната. Се што е ново, модифицирано, што не припаѓа на ова поднебје, нашиот организам ќе го прими поинаку, рече тој, притоа согласувајќи се со генералната препорака на нутриционистите оти најдобра заштита од несакани последици предизвикани од употреба неавтохтони продукти е производство и консумирање храна од локално производство.
Comments are closed for this post.