Не е точно тврдењето на некои опозициски политички партии, дека наводно штетите од невремето во Арачиново и Сингелиќ некому се исплаќале, а некому не. Утврдените штети според Законот за земјоделство се платени за сите општини во 2016 година, а штетите од 2017, 2018, 2019 и дел од 2020-та ќе бидат опфатени со измените на Законот за заштита и спасување. Засега не се знае колкаво ќе биде обесштетувањето, тоа треба да утврди Комисијата за проценка на штети, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.

Хоџа нагласи дека Министерството за одбрана по брза постапка треба да изготви измена на Законот за заштита и спасување со што ќе се овозможи сите предмети по однос на штетите да ги преземе Комисијата и соодветно да се постапи.

– Во 2015 година имало уредба со која се дозволувало МЗШВ да ја утврдува штетата, но уредбата е укината во 2019-та и сите штети треба да се разгледуваат согласно Законот за заштита и спасување. Со оглед дека штетите од 2017, 2018, 2019 и дел од 2020 година биле во вакуум простор, не ги регулира Законот и Комиисјата за проценка на штети не може да ги преземе предметите. Министерството за одбрана е задолжено од Владата да изготви по брза постапка измена на Законот со преодни одредби, објасни министерот, одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата по повод новите униформи за Шумската полиција.

Не зборуваме, дополни тој, за оценка на штетите, туку за отворање законска можност Комисијата да ги разгледа и врз основа на изготвениот извештај Владата да одлучи колкав ќе биде процентот на обесштетување.

– Не зборуваме за немање волја, туку за непостоење законска можност за што Владата веќе го задолжи Министертството за одбрана, потенцира Хоџа.