Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа денеска ќе одржи средба со претставници на лозарите и винарските визби.
Средбата следува откако на 28 јануари здружението „Напредни лозари” од Кавадарци реагираше, укажувајќи дека цената на грозјето е ниска, а проблем е и вишокот кој преработувачите не сакаат да го откупат. Според лозарите, цената на грозјето во соседните држави е двојно повисока иако квалитетот е послаб.
Од „Напредни лозари” истакнаа и дека винарските визби се договараат за откупната цена, а ја објавуваат во последен момент, кога лозарите веќе мора да го берат грозјето.
Во член 55 од Уставот стои пазарно договарање. Но, има проблем во договарањето меѓу винариите и лозарите. Винариите се многу моќни и ги наметнуваат нивните интереси, секогаш меѓусебно однапред договорени на штета на лозарите. Државата треба да го регулира ова, посочи здружението.
„Напредни лозари” укажа и дека моментно не работат двата големи капацитета – винариите Кокино и Џумајлија, со капацитет од 32.000.000 килограми грозје.
Здружението побара средба со министерот, но до него упати и конкретни барања: формирање фонд за исплата на грозјето од околу 30 милиони евра, информации за откупната цена на винските сорти најдоцна до крајот на јуни тековната година и обезбедување алтернативен извоз ако цените се ниски, враќање на персоналниот данок на регистрираните земјоделци најдоцна до јуни наредната година, исплаќање на заостанатите субвенции во најбрз можен рок, исплата на редовните субвенции за одржување на лозовите насади до „Свети Трифун”, 14 февруари и параралено реализирање на дополнителната поддршка.
Comments are closed for this post.