Група граѓани денеска до Министерството за правда доставија десетици поплаки против извршителите. Велат дека долговите на сите им се неколкукратно повисоки откако стигнале до извршител. Затоа, од иницијативата „Стоп за извршителите“ бараат промени во Законот за извршување и комплетна ревизија на работењето на извршителите.

Ана Глигорова од организација вели дека во моментов има блокирано 88 илјади сметки на граѓани, а 130 илјади заедно со правните лица.

„Оваа власт го смени трошковникот, но, тој не е ретроактивен, туку важи само за случаи од 2019 година па натаму. Не и претходно, па затоа извршителите си ги чуваат извршните налози како старо вино во подрум и ги активираат после девет години на пример, а тие веќе нараснале со огромни камати. Значи, луѓето овде веќе не можат да живеат, се работи за геноцид, се работи за една третина од плата и пензија, што е премногу“, рече Ана Глигорова – Иницијатива „Стоп за извршителите“.

„Што останува веќе? Комплетно да одиме по странските амбасади и да бараме азил. Во оваа зграда на Министерство за правда има неколку поплаки, министерката е должна согласно постоечкиот Закон да направи ревизија, да ги смени извршителите. Извршителите останаа како бели мечки заштитени во оваа држава“, рече Марјан Ристески – Иницијатива „Стоп за извршителите“.

Од Министерството за правда велат дека со ланските измени во Законот за извршување, намалени се трошоците за извршување, а по претставки се врши и теренски надзор по извршителски канцеларии. Досега, годинава имало само едно разрешување на извршител.

„За надзорите од Министерството за правда, бројките се следни – биле извршени вкупно 66 надзори на работата на извршителите од кои 42 редовни, а 24 вонредни. До моментов има осум предлози за поведување на дисциплинска постапка…За жал, сите постапки кои биле преземени согласно претходното законско решение, биле пресметани според старите закони“, вели Владимир Делов – портпарол на Министерството за правда.