Германската компанија „Герешајмер“ денеска во Технолошко индустриската развојна зона Бунарџик го означи почетокот на изградба на новата фабрика за медицинска пластика. Ова е прва фабрика на реномираната германска компанија во Југоисточна Европа, а земјава беше избрана како поволна бизнис дестинација во конкуренција со Србија и Романија.

Премиерот Зоран Заев, обраќајќи се на церемонијата, рече дека со германска прецизност, плановите за изградба на фабриката се одвиваат точно според планираното.

Од мај оваа година кога беше потпишан договорот до септември, се изведуваа земјените работи. А од денеска почнува со изградба на објектот што ќе има 12.500 метри квадратни. Изградбата се очекува да биде завршена до крајот на првата половина на идната година, а првите производи наменети за фармацевтската и медицинската индустрија се очекуваат во почетокот на втората половина на 2020 година, рече Заев.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека оваа компанија датира од 1864 година, има 40 фабрики во 15 држави во светот и има 10.000 вработени и има промет од 1,4 милијарди евра. Истакна дека тоа е компанија која има капитал и интензивни инвестиции и која произведува за фармацевтската индустрија, произведува специфична амбалажа, како пенкала за инсулин и инхалатори, и тука, како што рече, не може да има компромис со квалитетот, бидејќи од тоа зависат човечки животи.

Извршниот директор на „Герешајмер“ Дитмар Зимсен рече дека нивната компанија работи за здравствениот сектор и работат на производи што го подобруваат квалитетот на животот на луѓето, и оти нивните производи се од висок квалитет.

Нема компромис за квалитетот на нашите производи. Оттука и вештините на луѓето кои ги вработуваме мора да бидат од високо ниво. Се одлучивме да инвестираме во Скопје бидејќи веруваме дека имаме пристап до луѓе со вистински вештини – техничари, инженери, се надевам дека на крајот на годината или на почетокот на следната ќе ги видиме и првите машини овде, дека оттука ќе излезат добри производи со висок квалитет што на крајот ќе бидат испорачани до крајните корисници, рече тој.

Посочи дека планираат да почнат со уреди, со машини со продукти кои ќе бидат поддршка на испораката на амбалажа за пакување на лекови.

– Тоа се високо автоматизирани производсвтени линии што ќе бидат инсталирани овде, но како што веќе спомнав зошто се одлучивме за ова парче земја, а тоа е дека во Скопје и Северна Македонија јасно гледам можности за постигнување на нашите цели да вработиме луѓе со висока мотивација. Ја ценам поддршката што ја добивме од Владата, рече Зимсен.

Инвестицијата ќе се реализира во повеќе фази, а во план е да бидат отворени 400 нови работни места.