Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) достави иницијатива до Владата за поедноставување на пристапот на компаниите до финансиска поддршка, преку измени на Правилникот за инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за технолошки развој.
Измените, како што информираат од ФИТР, се состојат од воведување на скратена (fast track) постапка за аплицирање за компании што веќе учествувале на јавни повици на Фондот, а кои ги поминале фазите на административна проверка и претселекција.
Конкретно, секоја компанија што добила соодветни забелешки и препораки од Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот во последна фаза ќе може да достави ист односно подобрен проект на следен јавен повик користејќи ја скратената процедура. Ова право се однесува за сите јавни повици на Фондот објавени во период од 12 месеци од добиеното известување на компанијата од Комитетот на претходен јавен повик, соопшти ФИТР.
Со скратената постапка, посочуваат оттаму, се намалуваат трошоците за компаниите, но и на Фондот и значително се намалува времето од аплицирање до одлука на Комитетот за одобрување на инвестиции. Во практика, од досега потребните 60 – 90 денови (зависно од број на пристигнати апликации) постапката за компаниите што ре-аплицираат со ист или подобрен проект би траела двојно помалку.
Со измените предвидено е компаниите што аплицираат да достават и задолжителен План за транспарентност и комуникација со јавноста, со што дополнително ќе се зајакне видливоста на инвестицијата, но и резултатите од проектите.
Согласно предложените измени во Среднорочната програма за работа на Фондот, нови јавни повици по новиот правилник, во скратена и редовна постапка (за нова апликанти) се очекуваат веднаш по неговото усвојување од Владата. Предложените измени ќе се пресликаат и во останатите инструменти на Фондот, ко-финансирани од Владата и Светската банка, велат од ФИТР.
Comments are closed for this post.