Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) реагира што македонските компании се елиминирани од учеството на тендерот за изградба на новиот Клинички центар што Владата најави дека ќе се гради на локација во Скопје.
Заменик претседателот на СГИП, Иван Пешевски на денешната прес-конференција оцени дека Владата секогаш им дава приоритет на странските компании и оти причината поради која домашните компании се изоставени се условите за учество на тендерот кои се неприфатливи.
Еден од условите е домашните компании да имаат изградено таков или сличен објект во последните десет години. Ние, последниве десет години не сме правеле таков објект, но тоа не е причина дека компаниите нема да успеат да го изградат објектот доколку им се даде шанса. Исто така, се бара депозит од 250 милиони евра што е навистина голема сума за нашите домашни компании, рече Пешевски.
Според него, домашните компании имаат капацитет, знаење и човечки ресурси да изградат вакви капитални објекти.
Неприфатливо е проекти како овој клинички центар, што се најавува дека ќе чини до 500 милиони евра, да биде даден на компанија надвор од границите на Македонија и нашите градежници да останат без работа, истакна Пешевски.
Comments are closed for this post.