Изградбата на малата хидроцентрала на МХЕ Тополки е согласно Договорот за концесија за изградба на мали хидроцентрали потпишан со претходната влада во 2015 година, а не според Одлука за закуп на земјиште донесена во 2019 година, соопштуваат од МХЕ Тополки.

Изградбата на малата хидроцентрала како објект од јавен интерес и регулирањето на корисничките права на земјиштето произлегува како обврска од Договорот за концесија кој е изработен од претходната власт и е потпишан со државата во 2015 година. Постапката за давање на државно земјиште на користење под долготраен закуп за изградба на објекти од јавен интерес како што се малите хидроелектрани, е редовна административна постапка согласно Законот за градежно земјиште, велат од таму.

Така и според наведеното во Службен весник од 21 јуни 2019, јасно е дека административните постапки, односно веќе донесените одлуки и согласности во врска со изградбата на малите хидроелектрани на МХЕ Тополки се тековни од 2016 година, во време на претходната власт:

„Согласно проект за инфраструктура за линиска инфраструктурна градба, мала хидроелектрична централа Тополка и придружни објекти од октомври 2016 година изработен од БИЛД ДООЕЛ, а одобрен – заверен со потврда за заверка од 21.10.2016 година од Министерството за транспорт и врски за изградба на мала хидроелектрична централа“.

Во насока на правилно и точно информирање на јавноста за активностите на МХЕ Тополки во изградбата на мали хидроцентрали, сакаме да потенцираме дека постапките спроведени за реализација на договорот за Концесија на МХЕ Тополки се идентични со постапките со кои досега се изградени над 70 мали хидроцентрали со придружни објекти во Република Северна Македонија и на други концесионери, велат од компанијата.