Ковид кризата донесе нов раст на бројот на отпуштени граѓани од работа поради економските проблеми со кои се соочуваат компаниите.

Од 11 март кога всушност почна пандемијата во земјава, па се до крајот на септември, откази добиле вкупно 14.818 лица. Тоа го покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.

„Во Агенцијата за вработување со состојба на  30.09.2020 година по основ на прилив од работен однос евидентирани се 14.819 невработени лица, за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во период на кризата предизвикана од ковид 19“, се вели во објавата од Агенцијата за вработување.

Како што е познато, еден месец претходно, кон крајот на август годинава, бројот на останати граѓани без работа изнесуваше 12.580 граѓани.

Тоа значи дека за еден месец бројот на отпушени поради корона кризата се зголемил за 2.239 лица.

Како што е познато, бројот на отпуштањата се зголеми откако престанаа да важат мерките за помош на фирмите за плати на вработените.

Таква нова мерка е предвидена и во четвртиот владин сет за поддршка на стопанството, но се уште не се донесени законите со кои тоа ќе се овозможи, за месеците октомври, ноември и декември.

Инаку, ако се погледнат податоците за тоа колку лица се евидентирани како невработени, на крајот на септември таа бројка изнесувала 151.359 лица. Тоа е за 6.600 повеќе во однос на крајот на август, односно од пред еден месец, кога како невработени биле евидентирани 144.759 невработени. Додека, пак, во однос на февруари, или за седум месеци колку што трае ковид кризата, борјот на невработени кои се евидентирани се зголемен за 45.543 лица, бидејќи на крајот на вториот месец од годинава тој изнесувал 105.816 лица.

Целиот текст на Фактор.мк