Примената на квалитетни материјали во градежништвото е предуслов за безбедност, долгорочност и издржливост на градбите, и на крај од тоа корист добиваме сите, државата, градежниците и граѓаните. Ова денеска го порача министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој ја отвори конференцијата „Квалитетна арматура – безбедни градби“.

Како ресорно Министерство посветено работиме на примена на европските стандарди во градежништвото како гаранција за квалитетно и безбедно градење. Интензивно работиме на креирање нов Закон за градење со цел унапредување на градежниот сектор во земјава, рече Сугарески.

Тој информира дека првичната верзија на законот веќе ја испратиле на разгледување до сите заинтересирани страни: институции, комори, агенции, научно-образовни установи. Во следниот период очекуваат нивни предлози за да се создаде нов закон за градење, кој ќе биде ефикасен и применлив во пракса. Ги повика сите компании во рамки на своето работење да придонесат за унапредување на квалитетот на градбите со примена на современите трендови во градежната индустрија.

Според него, оваа индустриска гранка се потпира на фирми кои имаат капацитет и големо искуство, но потребно е континуирано вложување во унапредување на техничките и технолошки стандарди и изнаоѓање на иновативни решенија.

Михаил Константинидис, генерален директор на „Дојран стил“ изјави дека како водечки производител на челични производи и арматура во ЈИЕ посветуваат особено внимание сите нивни производи да ги задоволуваат најновите и највисоките стандарди за квалитет и безбедност.

Тоа е наша стратешка определба  за чие исполнување постојано инвестираме во зголемување и модернизација на производствениот капацитет, во професионалниот развој на нашите вработени, како и во иновации и во проширување на понудата на производи, рече Константинидис.

Професорот Горан Марковски од Градежниот факултет во Скопје изјави дека квалитетот на арматурата и на бетонот се од особено значење во процесот на градењето.

За денешни услови на градење, за денешни знаења мислам дека треба да постои поголема контрола на квалитетот на материјалите што се вградуваат. Пред се треба да зборуваме и да употребуваме атестирани материјали и нивна соодветна контрола во процесот на градење. Во процесот на производство на арматурата, кој е повеќе контролиран, бидејќи е индустриски производ, грешките во производството се помалку веројатни. Меѓутоа не секогаш се увезува и се вградува арматура која е соодветна на градбата во која треба да се употреби. И тука сметам дека недостасуваат одредени контроли во процесот на набавка и вградување на тој материјал, изјави Марковски.

Според него, состојбата е многу посериозна и полоша во областа на производството и вградувањето на бетон. Таму, како што рече, можностите за грешки се многу поголеми и сведоци сме дека во последно време имаме значителни потфрлања на квалитетот на овој материјал.