Подобрувањето на состојбата во градежниот сектор, кој во изминатите два квартали бележи стагнација, било во фокусот на денешната средба на претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори Ивица Јакимовски и членови на комората со кабинетот на премиерот.
Од Градежната комора на Македонија соопштија дека ги претставиле стратешките цели и потребата од редовни состаноци со претставниците на државните институции со цел воспоставување квалитетен јавно-приватен дијалог кој треба да има долгорочни позитивни ефекти врз условите за водење бизнис.
Воспоставување организиран начин на дејствување ќе значи поттик за остварување на планирани инвестиции не само за градежните компании, туку и за над 20 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото. Градежната комора при ССК активно работи на подобрување на состојбата во секторот градежништво и во таа насока соработката со сите релевантни чинители во секторот градежништво е особено важно за создавање на услови за модерна урбанистичка средина, велат од Градежна комора на Македонија.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија, велат дека се залагаат за унапредување на условите за водење на бизнис, за обезбедување правна сигурност на компаниите како услов за реализацијата на инвестициите, како и отвореност за соработка со релевантните чинители во насока на стратешко и долгорочно планирање на идни проекти.
Comments are closed for this post.